| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Повеќето партии согласни за укинување на техничката влада по лидерската средба
Повеќето политички партии се согласни дека треба да се укине техничката или т.н пржинска влада по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници во Скопје, а единствено поканата ја одби Венко Филипче претседателот на СДСМ
Повеќето партии согласни за укинување на техничката влада по лидерската средба
Повеќето партии согласни за укинување на техничката влада по лидерската средба / AA
14 јануари 2026

Денес во Скопје се одржа средба на лидерите на парламентарните политички партии во врска со неколку точки, со фокус на укинувањето на техничката влада, промените во Изборниот законик и реформската агенда, јавува Анадолу.

На прес-конференцијата по средбата, премиерот и лидер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го оцени состанокот како конструктивен и рече дека генерално сите учесници се согласиле дека техничката влада треба да биде дел од минатото.

„Мислам дека сите претставници денеска се согласивме за техничката влада – имаше сугестии од едните од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница – но генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност и пред меѓународната заедница дека сами можеме да носиме зрели одлуки“, изјави Мицкоски.

Тој исто така рече дека нашол поддршка од сите претставници за измените на Законот за прекршоци за спроведување на „Сејф Сити“, мерка што вклучува активирање на камери и радари на патиштата, што, според владата, има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот.

„Денеска јавноста беше сведок на еден поинаков пристап на решавање на отворени прашања, нешто што можеби изминатите 35 години државност не се случувало, а тоа е преку една плодна дискусија во рамките на оваа лидерска средба и во една дебата која што во одредена мерка беше и полна со предлози и идеи. Голем дел од отворените прашања се отворија. За поголем дел од тие отворени прашања имаме исто мислење, имаме заеднички јазик, за дел нормално дека позициите ни се разликуваат“, рече премиерот.

Претставникот на владејачката коалиција ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека нивниот став е дека доколку во моментов нема консензус, техничката влада треба да се укине по следните парламентарни избори.

Во врска со промената на Изборниот законик, тој рече дека на дијаспората треба да ѝ се понуди можност да гласа, бидејќи, според него, таа е важен актер, особено во економската сфера.

Тој, исто така, ја нагласи потребата од спроведување на системот со отворени листи на изборите, без оглед на тоа за колку изборни единици ќе одлучуваат.

Горан Минчев, генерален секретар на ЗНАМ и воедно министер за јавна администрација, рече дека техничката влада треба да се укине откако веќе ја исполнила својата цел, додавајќи дека таа беше донесена во време на криза кога таквата мерка била неопходна и во моментов не придонесува за стабилност, туку ја попречува ефикасноста на владата.

Минчев повика на спроведување на единствена изборна единица за, како што рече, пофер застапеност.

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, рече дека темата за членството на земјата во Европската Унија (ЕУ) сè уште не е консумирана, додавајќи дека сите актери треба да бидат ангажирани во оваа насока.

Тој повика на консултации со меѓународните актери за укинување на техничката влада, бидејќи, според него, мерката беше донесена во консултација со нив.

Во врска со изборниот законик, Ахмети предложи единствена изборна единица со отворени листи и праг од 5 проценти, додавајќи дека ова прашање останува за понатамошни дискусии.

Димитар Апасиев од „Левица“ рече дека дискусиите за Изборниот законик ќе продолжат на ниво на координатори на парламентарни групи, заедно со неколку владини министри.

Тој рече дека се разговарало за две варијанти за укинување на техничката влада, едната за претстојните парламентарни избори, а другата по нив.

На состанокот не присуствуваше лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Техничката влада во Северна Македонија беше донесена како привремена политичка мерка по Пржинскиот договор од 2015 година, постигнат со посредство на Европската Унија за надминување на длабоката политичка криза во земјата.

Нејзина цел беше да се обезбедат слободни и фер избори, ограничувајќи го влијанието на владејачката влада за време на изборната кампања. Според договорот, привремената влада се формира 100 дена пред парламентарните избори, при што некои клучни позиции се пренесуваат на претставници на опозицијата.


Повеќе
Ердоган: Туркије е непоколеблива во промовирање на мирот и стабилноста на регионот
Руте: Безбедноста на Западен Балкан останува приоритет за НАТО
Министерство за енергетика: Државните нафтени резерви се стабилни
Затворањето на Ормутскиот теснец ќе ги зголеми трошоците за нафта, гас и транспорт
Руте ја пофали улогата на Северна Македонија во зачувувањето на стабилноста на регионот
Фидан одржува интензивни дипломатски разговори во услови на офанзива на САД и Израел врз Иран
Eдна третина од жените во ЕУ жртви на физичко и сексуално насилство
МААЕ потврдува штета на зградите во иранскиот погон за збогатување ураниум Натанц
Цените на нафтата пораснаа за 6% поради влијанието на конфликтите на Блискиот Исток
Зеленски во екот на застојот на преговорите: Никогаш нема да го напуштам Донбас
ОН: Израел ги суспендира хуманитарните движења во Газа
Такер тврди дека Катар и Саудиска Арабија уапсиле агенти на Мосад кои планирале бомбашки напади
Бахреин и Катар пресретнаа повеќе од 170 ирански ракети и десетици дронови за три дена
Судот го одби барањето на администрацијата на Трамп да го одложи враќањето на парите од царините
Нетанјаху: Нема да има бесконечна војна против Иран