Претставена дигитална платформа за проектите кои ги финансира Владата на Северна Македонија

Платформата ќе може да ја користат новинарите, невладините организации и целата јавност за следење на јавните финансии.

By
Претставена дигитална платформа за проектите кои ги финансира Владата на Северна Македонија / Влада на РСМ

Македонската Влада ја промовираше новата дигитална алатка proekti.gov.mk на која ќе бидат прикажани сите проекти кои се финансираат од државниот буџет и ќе ги содржи сите неопходни податоци за поголема транспарентност.

„Ова не е само технички систем. Ова е чекор напред во политичката култура, чекор во модерното управување и силна порака дека државата што ја водиме е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства. Оваа Платформа ја симболизира нашата јасна заложба за интегритет, чесност и јавен надзор над сите инвестиции што ги реализираме, без исклучок“, рече премиерот Христијан Мицкоски на презентацијата на новата платформа.

На платформата се прикажани тековните проекти, како и износот кој е издвоен како буџетски средства или се вложени по друг основ во државните проекти.

„Со оваа Платформа ја отвораме работата на институциите и воспоставуваме нова рамка на доверба, каде што јавноста не чека одговори – туку ги има пред себе.
Транспарентноста за нас не е формална обврска. Таа е суштинско демократско правило. Таа е основа на довербата. Основата на стабилноста. Основата на вистински одговорните политики“, рече Мицкоски.

Платформата ќе може да ја користат новинарите, невладините организации и целата јавност за следење на јавните финансии.

„Денес, со оваа Платформа, ја отвораме следната фаза на институционална зрелост. Фаза во која државата не се брани со зборови, туку со податоци. Не се оправдува со изговори, туку со резултати. Фаза во која граѓаните се вистински контролори на јавните ресурси“, дополни премиерот.