Трамп: Мислам дека Зеленски е подготвен да го предаде Крим на Русија
Зборувајќи за средбата со Зеленски во Ватикан на погребот на папата Франциск, Трамп рече дека е „изненаден и многу разочаран“ што Русија ја бомбардираше Украина по разговорите меѓу Путин и мировниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека смета оти неговиот украински колега Володимир Зеленски е подготвен да го предаде Крим на Русија како дел од мировниот договор, и покрај тоа што Киев претходно го отфрли предлогот.
Како што објави АП, Трамп, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да „престане со пукањето, да седне и да потпише договор“ за прекин на конфликтот.
Зборувајќи за средбата со Зеленски во Ватикан на погребот на папата Франциск, Трамп рече дека е „изненаден и многу разочаран“ што Русија ја бомбардираше Украина по разговорите меѓу Путин и мировниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф.
Трамп рече дека Зеленски „му рекол дека му треба повеќе оружје, но тој тоа го кажува веќе три години“.
На прашањето дали му верува на Путин, Трамп рече: „Ќе ви кажам за околу две недели“, и додаде дека три или четири илјади луѓе умираат секој ден во руско-украинскиот конфликт.
Трамп го опиша својот однос со Зеленски како подобар отколку што беше за време на состанокот во Белата куќа претходно оваа година.
„Имавме мал спор, бидејќи не се согласував со нешто што го кажа, а камерите снимаа и јас бев во ред со тоа. Видете, тој е во тешка ситуација, многу тешка ситуација. Тој се бори против многу поголема сила“, рече Трамп.
Тој истакна дека Зеленски сега сѐ чини дека е повеќе подготвен за договор.
Во изјава за новинарите на аеродромот во Њу Џерси, тој зборуваше и за царинската војна со Кина, велејќи дека е постигнат „мал“ напредок во преговорите меѓу двете земји, за кои кинеските претставници рекоа дека не се случуваат.
„Тие очигледно сакаат да постигнат договор. Сега тие не соработуваат со нас, не поради нив, туку поради мене. Затоа што не можете да работите со царини од 145 проценти“, заклучи Трамп.