Европскиот комесар за одбрана: Украинската армија би можела да ја штити источната граница на ЕУ
Би било добро ако украинската армија, тестирана во војна, откако ќе се воспостави мир во Украина, е подготвена да биде присутна во сите земји од нашиот пограничен регион, изјави министерот за одбрана на ЕУ, Кубилиус, кој е поранешен литвански премиер
Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус денес изјави дека, ако борбите во Украина завршат со мировен договор, украинските трупи би можеле да бидат испратени да помогнат во одбраната на источните граници на Европската Унија од Русија.
Според него, Европа не е подготвена ефикасно да се справи со рускиот напад со беспилотни летала и мора да ги интегрира „тестираните во битка“ капацитети на Украина за подобро да се заштити.
„Зошто ни требаа повеќе од две години и поводот на руската провокација со беспилотни летала против Полска, а исто така и против балтичките земји и Романија, за да разбереме дека не сме подготвени да детектираме руски беспилотни летала и да ги уништиме со економични средства?“, рече Кубилиус во говорот во Вилнус.
„Русите учат. Дали и ние?“.
„Би било добро ако украинската армија, тестирана во војна, откако ќе се воспостави мир во Украина, е подготвена да биде присутна во сите земји од нашиот пограничен регион, почнувајќи од балтичките земји и во Литванија, покрај германската бригада и ротирачките американски батаљони“, рече Кубилиус во Вилнус.
Кубилиус, поранешен литвански премиер, нагласи дека евентуалното распоредување на украинските сили нема да го попречи испраќањето на оклопна бригада во Литванија од страна на Германија, присуството на американски трупи во регионот или одредбите од Член 5 на НАТО за меѓусебна одбрана.
„Ние, Литванците, научивме од историјата дека е подобро да имаме повеќекратни гаранции за нашата безбедност“, рече тој, додавајќи дека Член 5 на НАТО треба да се зајакне со безбедносни одредби на ЕУ „со јасен механизам за нивно спроведување“.
Можноста за распоредување украински трупи на источните граници на ЕУ, според порталот со седиште во Брисел, во моментов е многу далечна бидејќи руската војска продолжува да напредува во источна Украина, а рускиот претседател Владимир Путин не покажува интерес за компромис што би ги прекинал борбите.
Повикот на Кубилиус доаѓа во време кога претходните ветувања за прием на Украина во НАТО ослабуваат поради противењето на САД и другите сојузници.