„Излегов од еден затвор и влегов во друг.“
За Ахмад (19), напуштањето на израелскиот притвор не значеше и оставање на затворот зад себе. Стравот и траумата од 15-месечниот престој во притвор го следеа до дома.
Тој беше уапсен на 6 август 2024 година, на 16-годишна возраст, а ослободен на 3 ноември 2025 година, на 18 години.
Сега, назад во кампот Балата на окупираниот Западен Брег, Ахмад вели дека стравот продолжува да го обликува неговото секојдневие.
„Ако војската влезе во градот, веднаш се тргам од таа област. Страв ми е дека ќе се вратам во затвор. Страв ми е од она што е внатре, од тешкотиите што ги доживеав таму“, вели тој за ТРТ Ворлд.
Од 7 октомври, палестинските деца на окупираниот Западен Брег се соочуваат со нагол пораст на притворања од страна на израелските сили, во рамките на систем што долго време ги подложува палестинските малолетници на апсење, испрашување и кривично гонење пред израелските воени судови.
Кон почетокот на август, околу 370 палестински деца се наоѓале во израелски затвори, најголем дел од нив во Мегидо и Офер. Според Палестинскиот центар за застапување на правата на затворениците, само во првите шест месеци од 2026 година, израелските сили притвориле 276 палестински деца.
Но бројките малку кажуваат за она што се случува откако ќе се отворат затворските порти.
За децата кои поминале месеци или години зад решетки, ослободувањето може да значи враќање кон прекинато образование, нарушени рутини и затегнати односи, додека истовремено ги носат физичките и психолошките последици од притворот.
Дури и неколку дена во притвор можат да остават траен белег.
Кога пет дена се доволни
За браќата Омар (13) и Фаисал (14), притворот траел само пет дена.
Тие биле задржани во затворот Мегидо пред да се вратат дома кај своето семејство. Но тие пет дена продолжиле да влијаат врз нивниот сон, пријателствата, образованието и работата, оставајќи ги притоа исплашени да се движат слободно надвор од своите домови.
Пред апсењето, Омар го имаше напуштено училиштето, но планираше да се врати. Исто така, работеше во една локална продавница. Откако беше ослободен, не го прави ниту едното ниту другото.
„Моето ментално здравје се влоши откако излегов од затвор. Пријателите престанаа да поминуваат време со мене. Имав конфликти со многумина од нив и на крајот почнаа да ме избегнуваат“, вели Омар за TРТ Ворлд.
Тој вели дека сопственикот на продавницата почнал да стравува оти израелските сили би можеле да се вратат во областа и да ја оштетат продавницата поради него, со што Омар би останал без работа.
Исто така, тој сè уште чувствува болка откако бил удрен во главата со кундак од пушка пред да стигне во затворот.
„Ударот ми ја повреди главата и оттогаш чувствувам болка секогаш кога ќе ја потпрам главата на перница.“
Стравувањето дека повторно би можел да биде приведен, исто така, го промени начинот на кој тој се движи низ своето соседство.
„Секогаш кога излегувам во соседството, стравувам дека војската може да дојде и повторно да ме уапси, или дека војниците може да дојдат пеш и да ме одведат“, вели Омар.
„Постојано чувствувам страв. Престанав да излегувам и сега поголемиот дел од времето го поминувам дома.“
Фајсал опишува слични тешкотии, особено во текот на ноќта.
„Откако бев ослободен, мојот живот стана уште полош“, вели Фајсал за TРТ Ворлд.
„Секоја ноќ се мачам да заспијам бидејќи постојано се сеќавам на она што се случи- тепањето, понижувањето и искуствата низ кои поминав во затворот.“
Тој вели дека некои пријатели се дистанцирале од него и дека враќањето во секојдневниот живот станало еден од неговите најголеми предизвици.
„Најтешко беше да се обидам да се вратам во нормалниот живот и повторно да се поврзам со пријателите и луѓето околу мене. Чувствувам како да не успеав повторно да го нормализирам својот живот“, додава тој.
Систем што ги следи децата до дома
Она низ што поминале Омар, Фајсал и Ахмад се случува во рамките на поширок систем во кој палестинските деца можат да бидат приведени без обвинение или судење.
Под административен притвор, Израел може да ги држи Палестинците во периоди на обновлив период без обвинение или судење, врз основа на необјавени докази.
Податоците од Израелската затворска служба покажаа дека 191 палестински малолетник биле држени под административен притвор во март 2026 година, рекордно високо ниво откако организацијата започна да ги следи децата административни притвореници во 2008 година.
Дури и тие бројки не го опфаќаат целосниот обем на притворање на деца.
Податоците од Израелската затворска служба ги опфаќаат затворите под нејзина администрација, но ги исклучуваат децата држени во воени притворни центри и центри за испрашување. Бројот на деца притворени од Газа останува нејасен.
Палестинските деца од окупираниот Западен Брег се гонат според израелскиот воен судски систем, додека децата израелски доселеници кои живеат на истата територија спаѓаат под цивилниот закон за малолетници.
Според израелскиот воен закон, возраста за кривична одговорност е 12 години.
Членот 37 од Конвенцијата за правата на детето наложува притворот да се користи само како крајна мерка и во најкраток можен соодветен временски период.
Во анализата на УНИЦЕФ за израелскиот систем на воен притвор се заклучува дека лошиот третман врз палестинските деца изгледа „распространет, систематски и институционализиран“ во текот на целиот процес- од апсењето, преку кривичното гонење, па сѐ до изрекувањето на пресудата.
За Ахмад, последиците од тој систем не завршиле со неговото ослободување.
Тој се вратил дома во понеделник, но вели дека му биле потребни неколку дена- сѐ до четвртокот- за да може нормално да спие.
„Не можев да спијам. Не знаев дали сонувам или сум буден, дали навистина сум си дошол дома или не.“
Дури и јадењето му изгледало необично. По неколкумесечниот престој во услови на недостиг на храна, Ахмад вели дека неговото тело се одвикнало од нормална исхрана.
„Речиси и да немаше храна. Внатре животот беше сосема поинаков“, вели Ахмад.
За време на 15-месечниот притвор, тој бил сместен во затворите Дамон, Офер и Мегидо. Раскажува за тепања, принудување на заземање на положби болни за телото и постојана изложеност на гас, а вели и дека четири месеци боледувал од шуга без да добие медицински третман.
Сепак, некои од највознемирувачките сеќавања се поврзани со она што го гледал околу себе.
„Кога влегов во затворскиот оддел за малолетни затвореници, ја видов глетката внатре и си помислив: ’Каде сум дошол?‘“
„Цела недела по влегувањето бев во состојба на шок. Со никого не можев да разговарам за она што го видов“, вели Ахмад.
Надвор од затворот, тешко е да се избегнат потсетниците на тие искуства. Ахмад вели дека се повлекува од разговорот кога луѓето почнуваат да зборуваат за израелската армија или за други затвореници.
„Ако некој почне да зборува за армијата, станувам и си заминувам од друштвото“, вели тој. „А ако некој раскажува приказна за некој затвореник, се дистанцирам од таквите разговори. Им велам: ’Не знам‘.“
Во меѓувреме, Фајсал сѐ уште размислува за пријателите што останале во затвор. Дури и додека работи и поминува време со своите братучеди, во мислите постојано му е можноста повторно да биде приведен.
„Страв ми е дека повторно ќе ме уапсат додека сум на работа. Постојано размислувам дека по работа сакам само да си одам дома, но се плашам дека може пак да ме уапсат“, вели Фајсал.
Ниту едно од децата со кои беше разговарано за оваа приказна не добило поддршка за да се справи со она што се случило.
Тие се обидуваат да се вратат на училиште, на работа, кај семејството и во секојдневниот живот. Но за децата кои научиле дека улицата, контролниот пункт, па дури и тропањето на вратата можат да ги вратат во затвор, слободата не се чувствува нужно како слобода.
За Ахмад, таа неизвесност влијаела врз начинот на кој размислува за својата иднина.
„Единственото за што размислувам е како да заминам. Сакам да живеам нормален живот, без страв и вознемиреност. Сакам да се чувствувам безбедно.“
Затоа, за палестинските деца ослободени од израелски притвор, прашањето не е само дали им било дозволено да се вратат дома.
Прашањето е дали некогаш повторно ќе можат да се чувствуваат како дома.
Извор: ТРТ Ворлд




























