Семејствата се соочуваат со „нејасна загуба“, бидејќи не знаат дали нивните исчезнати роднини се мртви или притворени, велат од Црвениот крст.
Претставници на ОН предупредуваат дека расчистувањето на урнатините во областите под израелско воено присуство носи ризик од уништување на човечки останки и докази за можни меѓународни злосторства.
Додека војната во Газа влегува во својата четврта година, илјадници палестински семејства остануваат без одговори за своите најблиски кои исчезнале среде тригодишните израелски напади и уништувања.
Обемот на задачата е огромен.
ОН проценуваат дека војната создала милиони тони шут низ Газа, додека палестинската Цивилна одбрана проценува дека повеќе од 8.000 луѓе се водат како исчезнати под урнатините.
За многу семејства, дури и сознанието каде да бараат е невозможно. Исчезнатите роднини може да се закопани под уништени згради, притворени или на друг начин недостапни, поради што семејствата не можат да организираат погреб ниту да знаат дали да продолжат да се надеваат на нивното враќање.
Пат Грифитс, портпарол на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во Ерусалим, раскажа како семејствата се собираат пред болниците кога во Газа пристигнуваат автобуси со ослободени палестински притвореници.
Некои од нив држат фотографии од исчезнатите роднини, не знаејќи дали лицето што го бараат е притворено или убиено.
Психолозите од МКЦК она што го доживуваат овие семејства го опишуваат како „нејасна загуба“.
„Не знаете дали вашата сакана личност, за која немате никакви вести... е жива или е убиена. Не знаете дали е притворена или не“, изјави тој за агенцијата Анадолу.
„Илјадници луѓе живеат во оваа неизвесност. Тоа е болка од незнаењето што да се прави или како точно да се чувствуваат. Тие се заглавени во таа состојба.“
Амани Ал Наук, портпарол на МКЦК во Газа, изјави дека семејствата постојано ѝ го поставуваат истото прашање на организацијата.
„Само сакаме да знаеме што се случило со нив“, се сеќава таа на нивните зборови. „Ако се мртви, можеме да здивнеме. Нофактот што не знаеме дали се живи или мртви- тоа е една од најтешките работи за нив.“
Ал Наук изјави за Анадолу дека некои семејства продолжуваат да стапуваат во контакт со Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) дури и кога знаат дека можеби нема да добијат моментален одговор, едноставно затоа што имаат потреба од место каде што ќе можат да го споделат она што им тежи на душата.
Други, пак, како што рече таа, на крајот почнуваат да прифаќаат дека исчезнатиот роднина е мртов, иако немаат никаква потврда за тоа.
Оваа неизвесност се одвива во услови на огромен предизвик за расчистување на теренот; голем дел од изградената инфраструктура во Газа е уништен или оштетен, а се верува дека под урнатините се наоѓаат човечки останки, заедно со неексплодирани убојни средства, опасни материи и потенцијални докази релевантни за истрагите за меѓународни злосторства.
Тимовите за расчистување се соочуваат со „огромна“ задача
Според „Брза проценка на штетите и потребите во Појасот Газа“ од април 2026 година, спроведена од Европската Унија, ОН и Светската банка, трошоците за отстранување и управување со повеќе од 68 милиони метрички тони шут во Газа надминуваат 1,7 милијарди долари.
За овој потфат е потребен и пристап до тешка механизација и специјализирана опрема, како и постојано снабдување со гориво- услови кои во моментов се далеку од исполнети.
Ал Наук изјави дека тимовите за расчистување располагаат со крајно ограничени количини тешка механизација и понекогаш се потпираат на еден или два багери изнајмени од приватни добавувачи, додека голем дел од работата се извршува со мала опрема и рачно.
Поради ограничените капацитети, тимовите во голема мера зависат од семејствата за да утврдат каде последен пат биле видени нивните роднини- во која зграда, во која просторија и кој бил со нив. Тоа ги принудува семејствата одново да ги преживуваат моментите кога не можеле да стапат во контакт со своите најблиски или да ги спасат, рече Ал Наук.
„Тоа всушност повторно ја отвора раната кај овие семејства“, рече таа.
Грифитс, кој неодамна помина една недела во Газа, опиша како видел „километри и километри планини од шут“, при што голем дел од нив претставуваат опасност поради неексплодираните остатоци од војната.
МКЦК помага во изнајмувањето на два багери за тимовите за расчистување, рече тој, но тоа е „капка во морето“.
„Размерите на задачата што претстои се застрашувачки. Таа е огромна.“
Грифитс рече дека проблемот е усложнет од ограничувањата за пристап, при што тимовите за пребарување и спасување не можат да стигнат до поголемиот дел од Појасот Газа за безбедно да ја извршат својата работа.
ДНК тестирањето исто така моментално не е достапно во Газа, според МКЦК.
Форензичките тимови наместо тоа се потпираат на информации, вклучувајќи возраст, пол, висина, претходни повреди, стоматолошки информации, облека, лични предмети и каде се пронајдени останките.
Но времето може да ги избрише тие траги преку распаѓање на скелетите, додека преместувањето на урнатините може да ги одвои останките од нивната оригинална локација.
„Колку повеќе време поминува, толку потешко станува идентификувањето на починатиот“, рече Грифитс.
Потпирајќи се на искуството на МКЦК во конфликти, вклучувајќи ги Сирија, Ирак, Авганистан и Балканот, тој рече дека потрагата по исчезнати лица може да продолжи со години или дури децении.
„Тоа е една од трагедиите на вооружениот конфликт“, рече тој.
Војната не е завршена додека не се пронајде нејзиниот сопруг
Мај Ел Шеик, од Канцеларијата за човекови права на ОН на окупираната палестинска територија, се присети на интервјуирање на 37-годишна жена со попреченост. чиј сопруг останал исчезнат по нападот врз нивниот семеен дом во северна Газа во 2023 година. Двојката има 5 годишен син.
Скоро секој член од семејството на нејзиниот сопруг бил убиен, рече Ел Шеик. Некои биле пронајдени, но нејзиниот сопруг не.
Жената верува дека знае каде е ридот од урнатини во кој е тој, но не може да стигне до него бидејќи лежи зад линијата на распоредување на израелските сили - таканаречената „жолта линија“.
Потсетувањето на сето ова беше „неподносливо болно“ за неа, рече Ел Шеик. „Чувствуваше дека не може да го поддржи и закрепнувањето на својот син бидејќи нема гроб да го посети и дека го изневерила својот сопруг, дека не била во можност да го почитува“.
„За неа, војната не е завршена додека не се пронајде нејзиниот сопруг“, додаде таа.
Други семејства верувале дека исчезнатите роднини се мртви, само за подоцна да ги препознаат живи на слики или видеа од израелските затвори, рече Ел Шеик.
„Тоа е тоа ниво на неизвесност, да не се знае дури ни дали твојот близок е жив или мртов“, рече таа.
Доказите би можеле да бидат „изгубени засекогаш“
Загриженост за судбината на потенцијалните докази во урнатините на Газа неодамна покрена специјалната известувачка на ОН за окупираната палестинска територија, Франческа Албанезе, која предупреди дека отстранувањето, дробењето и преместувањето на остатоците во областите под израелско воено присуство би можеле да уништат човечки остатоци и потенцијални докази за наводни меѓународни злосторства.
Ел Шеик, исто така, предупреди за она што може да исчезне додека се нарушуваат урнатините на Газа.
„Речиси е неизбежно доказите да се губат, оштетуваат или нарушуваат додека зборуваме“, рече таа, наведувајќи го обемот на уништување, ограничувањата за пристап, пријавеното отстранување и дробење на урнатините и недостатокот на тешка машинерија и капацитет за форензичка идентификација.
Таа рече дека големи делови од Газа остануваат недостапни за независни набљудувачи и истражители, особено областите под израелско воено присуство, што го отежнува утврдувањето што се случува со човечките остатоци и потенцијалните докази таму.
Ел Шеик рече дека по објавувањето на прекинот на огнот имало и повторени извештаи за остатоци што се врати на палестинските власти без информации што би можеле да бидат клучни за идентификација и утврдување што се случило.
„Тие вратиле останки на палестинските власти, понекогаш дури и делумни останки без идентификација и без јасност каде се пронајдени или како се убиени“, рече таа.
Грифитс рече дека ако останките се преместат со урнатини, нивната оригинална локација - важен доказ за идентификација - може да се изгуби, додека останките може да се фрагментираат.
Сринивасан Муралидар, претседател на Независната меѓународна комисија на ОН за истрага на окупираната палестинска територија, вклучувајќи го Источен Ерусалим и Израел, рече дека комисијата добила извештаи за отстранување на урнатини и можност за уништување на докази.
„Загрижени сме дека отстранувањето на урнатините може да резултира со губење на доказите засекогаш “, рече тој.
Муралидар го спореди собирањето докази со составување сложувалка, велејќи дека материјалот извлечен од урнатините може да го надополни сведочењето на сведоците и медицинските и форензичките докази.
Несобраните докази нема да ги спречат истражителите да утврдат наводни злосторства, рече тој, но може да остави важни празнини.
Нивната важност оди подалеку од потенцијалните гонења, додаде Муралидар.
„Во меѓународното право, постои познато концептот на правото на вистината. Секое семејство сака да знае што точно се случило.“
За роднините кои чекале со години без да ги пронајдат своите најблиски, информациите за тоа што се случило можат да бидат „многу, многу вредни како дел од сеќавањето и најважно за помирување со вистината“, рече тој.
Потребен е пристап за пронаоѓање на исчезнатите
Грифитс рече дека решавањето на судбината на исчезнатите во Газа ќе бара поголем хуманитарен пристап и значително повеќе ресурси за тимовите за пребарување и спасување.
Тој повика да се дозволи повеќе тешка механизација, вклучително и багери, во Газа за да можат тимовите да ги зголемат операциите за спасување, а истовремено ја нагласи потребата од безбеден пристап до областите до кои моментално не можат да стигнат.
„Хуманитарен пристап за потребите на пребарувањето и спасувањето - тоа е исто така навистина важно“, рече тој.
Муралидар, исто така, повика на меѓународна соработка за забрзување на процесот.
„Мораме да имаме соработка меѓу земјите за да помогнеме побрзо да се расчистат урнатините“, рече тој, нагласувајќи ја важноста да не се создаваат повеќе урнатини.
„Ова е огромна задача пред нас, и ако нападите не престанат сега, работите може да се влошат уште повеќе и да одат подалеку од точка кога сите само ќе ги креваме рамењата и беспомошно ќе гледаме“, предупреди тој.
Место за тагување
За едно семејство со кое се сретнале Грифитс и Ал Наук, тој одговор конечно дојде.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст го поддржа формирањето на гробишта за неидентификувани починати лица во Деир ал-Балах, како дел од напорите да се зачуваат информации за посмртните останки што не можат веднаш да се идентификуваат.
Грифитс изјави дека по извлекувањето на посмртните останки, форензичките тимови се обидуваат да соберат што е можно повеќе идентификациски податоци и да креираат соодветно досие.
Кога идентификацијата не е можна, останките може да се погребаат во поединечен гроб означен со единствен сериски број поврзан со тие информации.
МКЦК исто така ги поддржува напорите за воспоставување систем за размена на информации меѓу тимовите за извлекување, форензичките служби и оние што управуваат со гробиштата, со цел собраните податоци за останките да се зачуваат за евентуална идна идентификација.
Целта е да се зачуваат и достоинството на починатите и можноста за нивна идентификација во иднина, вклучително и во случај ДНК-анализата на крајот да стане достапна во Газа.
За време на посетата на гробиштата за неидентификувани починати во Деир ал-Балах, тие се сретнале со млада жена, чиј сопруг на крајот бил идентификуван преку форензички методи достапни во Газа.
Грифитс се потсети на тоа што за неа значело конечното добивање гроб.
„Таа можеше да го посети неговиот гроб, можеше да застане покрај неговиот гроб, да биде блиску до него“, рече тој.
Тоа ѝ дало „чувство на заокружување, начин да тагува“.
За илјадници семејства кои сè уште трагаат по некој што исчезнал за време на војната, дури и тоа останува недостижно.
Извор: АА


























