Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека влијанието на Европа во светот мора да расте, бидејќи улогата на САД би можела да се намали.
На Берлинската безбедносна конференција, одржана во германската престолнина, Зеленски ја повика земјата домаќин да преземе поголема улога во европската безбедност.
„Премногу работи зависат од тоа во што верува Германија и во кого верува. Улогата на Соединетите Држави во светот може да стане уште помала. Затоа, улогата на Европа во светот мора да стане уште поголема. А тоа е невозможно без Германија“, рече тој.
Тој ја истакна важноста на поддршката од САД и Европа за Украина, наведувајќи дека американската помош помогнала да се спасат животи и да се спречи понатамошно раселување, додека европската поддршка била клучна за опстанокот на земјата.
Зеленски, исто така, повика на европска соработка за развој и заштита на сателитските комуникациски системи, вклучително и национални алтернативи на „Старлинк“ (Starlink) – сателитски интернет сервис управуван од „Спејс-икс“ (SpaceX), аерокосмичката компанија основана од Илон Маск.
„Бидејќи клучното прашање е кој ги контролира копчињата за вклучување и исклучување“, рече тој, додавајќи дека ниту една земја не може самостојно да се справи со заканите по овие системи.
Подоцна, Зеленски се сретна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и разговараше за заедничките напори со САД за унапредување на мирот во Украина.
Тој изјави дека за среда, во Брисел, се закажани разговори во кои ќе учествуваат претставници од САД, НАТО, Европа и Украина. Киев, исто така, се подготвува за средба во Обединетите Арапски Емирати, додаде тој, повикувајќи ја Русија да покаже конструктивен пристап.
Зеленски соопшти дека руските напади во вторникот оштетиле енергетски објекти во Киев и во пет региони – Виничка, Днепропетровска, Житомирска, Волинска и Черкаска област.




















