Софија: Владата на Росен Жељазков поднесе оставка пред гласањето за доверба во парламентот
Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за доверба, меѓутоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот, истакна бугарскиот премиер
Владата на бугарскиот премиер Росен Жељазков денес поднесе оставка по неколку недели улични протести поради економската политика на владата и за нејзиниот, како што ја обвинуват, неуспех во борбата против корупцијата.
Според бугарските медиуми, Жељазков објавил дека поднесува оставка неколку минути пред парламентот да гласа за предлогот за гласање за доверба на владата.
„Коалицијата ја разгледа ситуацијата. Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за доверба, меѓутоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот“, истакна бугарскиот премиер.
Во изјавата што ја прочита, владата ги наведе „губењето на политичката поддршка и потребата од враќање на јавната доверба“ како клучни причини за оваа одлука, објавува порталот Новините.
Жељазков нагласи дека овој чекор е преземен „во интерес на институционалната стабилност“ и изрази благодарност до министрите и коалициските партнери кои работеа во владата.
Тој рече дека желбата на владата на Бугарија е да биде на нивото што го очекува општеството.
„За оставка на Владата се изјаснија и младите. Оваа граѓанска енергија мора да биде поддржана и охрабрена“, заклучи тој.
Минатата недела, бугарската влада го повлече својот буџетски план за 2026 година, првиот што беше составен во евра, по масовните протести, поради влегувањето на Бугарија во еврозоната на 1 јануари 2026 година.
Вчера во Софија се одржа голем протест, последен во серијата протести во изминативе месеци, на кој присуствувале стотина илјади граѓани, а на кои е побарана оставка на Владата.