Односите меѓу Канада и Туркије ќе се прошируваат „со идните генерации“, изјави денеска канадскиот премиер Марк Карни на заедничката прес – конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој најави дека двете земји ги издигнуваат своите односи на ниво на стратешко партнерство.
„Нашата цел не е самодоволност, туку колективна отпорност. Затоа Канада гради подлабоки партнерства со доверливи партнери, што создава нови можности за двете страни – а во Туркије имаме исклучителен партнер“, рече Карни.
Карни ја истакна улогата на Туркије, која поседува втора најголема постојана војска во НАТО, како и една од најинвентивните одбранбени индустрии во светот.
Зборувајќи за регионалната безбедност, канадскиот лидер ја пофали дипломатската тежина на Анкара на меѓународната сцена, нагласувајќи дека Туркије игра „клучна улога“ во решавањето на „најтешките светски конфликти“, вклучувајќи ги кризите во Газа, Украина и војната во која е вклучен Иран.
Пристигнувајќи во Анкара денеска – што претставува прва билатерална посета на Туркије од страна на некој канадски премиер – Карни изјави дека целта на посетата е зајакнување на врските и создавање нови економски можности меѓу двете земји.
Тој, исто така, ги истакна можностите за проширување на пристапот до турскиот пазар, кој брои повеќе од 85 милиони луѓе, како и за создавање нови економски можности за канадските работници и компании.
Ердоган го пречека Карни со официјална церемонија во Претседателскиот комплекс во Анкара, при што беа интонирани химните на двете земји и беше извршена почесна артилериска салва од 21 истрел. Потоа, двајцата лидери одржаа билатерална средба, по што следеа разговори меѓу нивните делегации.






















