Во Скопје се одржа церемонија по повод 111-годишнината од Победата кај Чанаккале
Оваа победа, постигната со извонредните жртви на херојските синови на нашиот народ ѝ даде инспирација на нашата национална борба и стана многу важна пресвртница на патот кон основањето на Република Туркије, воениот аташе полковник Реџаи Јилмаз
Во Скопје денес се одржа церемонија по повод 18 Март, Денот на сеќавање на загинатите херои и 111-годишнината од Победата кај Чанаккале.
На церемонијата одржана во просториите на Амбасадата на Туркије во Северна Македонија, под покровителство на турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој, присуствуваа вработени во Амбасадата, како и претставници на турските институции и организации во земјата.
Церемонијата започна со едноминутно молчење и со интонирање на турската национална химна.
Воениот аташе на Амбасадата во Скопје, полковник Реџаи Јилмаз, во своето обраќање потсети дека денес се одбележува годишнината од една епска победа, кога на 18 март 1915 година славната турска Армија му покажа на целиот свет дека Чанаккале е непрооден.
Нагласувајќи го значењето на овој ден, Јилмаз рече: „Оваа победа, постигната со извонредните жртви на херојските синови на нашиот народ, и покрај недостатоците и невозможностите, ѝ даде инспирација на нашата национална борба и стана многу важна пресвртница на патот кон основањето на Република Туркије“.
Јилмаз додаде дека нивото што Туркије го достигнала денес е резултат на шехидите и херојските ветерани кои загинале во Чанаккале, во Војната за независност, во Кореја, во Кипар, во борбата против тероризмот и во прекуграничните операции.
По обраќањата, советникот за верски служби при Амбасадата на Туркије во Скопје, Мустафа Бодур, одржа молитва за загинатите херои.