| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Ѓокташ во Поточари: Нема да дозволиме геноцидот во Сребреница да биде заборавен
Министерката за семејство и социјални услуги на Република Туркије, Махинур Оздемир Ѓокташ, присуствуваше на комеморативната церемонија одржана во Фабриката за акумулатори во Поточари, каде што ја пренесе пораката на турскиот претседател Ердоган
Ѓокташ во Поточари: Нема да дозволиме геноцидот во Сребреница да биде заборавен
Ѓокташ во Поточари: Нема да дозволиме геноцидот во Сребреница да биде заборавен

Министерката за семејство и социјални услуги на Република Туркије, Махинур Оздемир Ѓокташ, која престојува во Поточари по повод одбележувањето на 31-годишнината од геноцидот во Сребреница, порача: „Тука сме за никогаш да не дозволиме оваа болка да биде заборавена“.

Министерката Ѓокташ присуствуваше на комеморативната церемонија одржана во Фабриката за акумулатори во Поточари, каде што ја пренесе пораката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во изјава за Анадолу, Ѓокташ потсети дека пред 31 година во Сребреница беа убиени 8.372 муслимани и истакна дека геноцидот се случил пред очите на целиот свет.

Нагласувајќи дека при секое доаѓање овде ја чувствува истата тага, Ѓокташ изјави:

„И по 31 година, за жал, сè уште има исчезнати муслимани чиј идентитет се обидуваат да го утврдат. Тука ја споделуваме болката на мајките и се молиме Алах да им се смилува на сите наши браќа Бошњаци и на сите што ги загубија животите. Поминаа 31 година, но како и да погледнете, ова е огромна болка што се случи во нашата понова историја и геноцид што се случи среде Европа, пред очите на светот. За жал, видовме дека пред очите на светот се случи нешто за кое велевме: „Тоа никогаш не може да се случи“, рече Ѓокташ.

Во таа насока, таа потсети и на зборовите на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Претседателството наБосна и Херцеговина, кој рекол:

„Што и да се случи, никогаш не дозволувајте геноцидот да биде заборавен. Зашто заборавениот геноцид се повторува.“

„Тука сме за никогаш да не дозволиме оваа болка да биде заборавена и за да ја пренесеме пораката на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, додаде Ѓокташ.

Истакнувајќи дека Организацискиот одбор и Мајките на Сребреница упатиле благодарност до претседателот Ердоган, Ѓокташ рече дека ќе продолжат со сета сила да работат за геноцидот никогаш да не биде заборавен.

Нагласувајќи дека страдањата ширум светот продолжуваат, министерката Ѓокташ додаде:

„За жал, сметаме дека од оваа болна историја не се извлечени доволно поуки. Денес, пред нашите очи, во Газа, за жал, 72.000 наши браќа муслимани, браќа од Газа, ги загубија животите. И таму геноцидот продолжува. Затоа, она за што велиме „никогаш не може да се случи“, за жал, продолжува да се случува пред нашите очи, пред очите на светот“, рече Ѓокташ.

Таа порача дека Република Туркије никогаш нема да дозволи оваа болка да биде заборавена.

„Секогаш ќе продолжиме да стоиме покрај угнетените за правдата да биде задоволена. Ќе продолжиме да го пренесуваме нивниот глас на секоја платформа на која сме присутни, а не само еден ден. И на Самитот на НАТО, нашиот претседател беше лидерот кој повторно го сврте вниманието кон геноцидот во Газа“, порача таа.

Зборувајќи и за музејот што Туркије, преку Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), го изгради во поранешната Фабрика за акумулатори, Ѓокташ рече:

„Музејот постои за болката никогаш да не биде заборавена. Знаеме дека постојат интензивни обиди ова место да биде избришано и заборавено. Ние нема да дозволиме тоа да се случи, а ова трајно дело е тука за да ги потсетува сите посетители на она што се случило за време на геноцидот.“

Потоа министерката Ѓокташ, заедно со делегацијата што ја придружуваше, го посети музејот и од надлежните доби информации за неговата работа. Ѓокташ се потпиша и во книгата на впечатоци.


ИЗВОР:َAA
Повеќе
Продажбата на американски мотори за турскиот авион КААН ќе продолжи, Конгресот не ја блокираше
Во Собранието одбележан Меѓународниот ден на геноцидот во Сребреница
Калас и Кос на 31-годишнината од геноцидот во Сребреница: Нема место за негирањед на геноцидот
САД привремено ги запреа нападите врз Иран за да остават простор за дипломатија
ЕБОР инвестираше 1,2 милијарди евра во Туркије во првата половина на 2026
Севернокорејскиот премиер Пак пристигна во Кина за годишнината од договорот
Франција за првпат ќе го активира планот за вонредни состојби поради екстремна топлина
Демонстранти во Словенија бараат повлекување од НАТО и воведување санкции против САД и Израел
Регионални посредници се обидуваат да ги смират тензиите меѓу САД и Иран
Медиуми: Израел ги предупредил САД за наводен ирански заговор за убиство на Трамп
Иранскиот ајатолах Хамнеи погребан по неколкудневна жалост
Најмалку 12 загинати во пожар во Шпанија
Туркије и американските одбранбени гиганти ги здружија силите за технологија од следната генерација
Тошковски- Уркиза: Продолжуваме да инвестираме во модерна, професионална и европска полиција
Палестинскиот претседател Абас го одреди 28 ноември за палестинските парламентарни избори