Рама: Судбината на одржаните протести ќе биде запишана на изборите следната година
Политичката судбина на овој нов циклус улични немири ќе биде напишана како и обично на изборите следната година со уште поубедлив пораз од претходните, а ние ќе продолжиме со несмалена сила на патот кон Албанија 2030 во ЕУ, изјави Рама
Премиерот на Албанија, Еди Рама, денес изјави дека судбината на протестите организирани од Демократската партија, кои се одржаа синоќа и во кои беа повредени 21 лице, од кои 19 полицајци, ќе биде запишана на изборите следната година со уште поголем пораз од претходните.
На својот профил на мрежата X, тој реагираше на антивладините протести во Тирана организирани од опозициската Демократска партија на Сали Бериша, и објави фотографии од молотови коктели што ги користеле демонстрантите.
Во исто време, тој повика на правда да се казнат луѓето кои користеле, како што рече, смртоносно оружје со кое нападнале, запалиле и повредиле полицајци во вторник вечерта, од страна на, како што рече, единствената политичка партија во демократскиот свет што практикува насилство.
„Се надевам дека правдата ќе ги задоволи повредените полицајци и без двоумење ќе ги казни носителите на ова оружје со смртоносна сила. Што се однесува до политичката судбина на овој нов циклус улични немири, таа ќе биде напишана како и обично на изборите следната година со уште поубедлив пораз од претходните, додека ние ќе продолжиме со несмалена сила на патот кон Албанија во Европската Унија во 2030“, рече Рама.
Во вторник во Тирана се одржаа протести на опозицијата, за време на кои опозицијата побара оставка од вицепремиерката Белинда Балуку поради наводна корупција, а собраните граѓани фрлаа молотови коктели кон зградата на албанската влада.
Пред зградата на владата им се обрати лидерот на една фракција на Демократската партија, Сали Бериша, а некои учесници фрлаа молотови коктели и огномет кон зградата, поради што полицијата употреби водени топови.