Уставниот суд на Косово ја блокира одлуката за распуштање на Собранието

Уставниот суд наведе дека барањето за преиспитување на одлуката на претседателката Вјоса Османи за распуштање на Собранието го поднел премиерот Албин Курти

By
Уставниот суд на Косово ја блокира одлуката за распуштање на Собранието / Reuters

Уставниот суд на Косово го суспендираше спроведувањето на декретот за распуштање на парламентот на земјата кој го издаде претседателката на државата Вјоса Османи за да се разгледа неговата уставност.

Уставниот суд наведе дека барањето за преиспитување на одлуката на претседателката Вјоса Османи за распуштање на Собранието го поднел премиерот Албин Курти.

Судот одлучи да изрече привремена мерка со која се забранува на претседателот на државата да презема какви било понатамошни дејствија поврзани со декретот за распуштање на собранискиот состав од 6 март.

Исто така, наложена е суспензија на сите дејствија од страна на косовското Собрание поврзани со декретот во текот на периодот наведен во одлуката.

Привремената мерка, која стапува на сила веднаш, ќе важи до 31 март.

Османи на 6 март објави дека го распушта Собранието откако пратениците не успеаја да изберат нов претседател на државата пред истекот на нејзиниот мандат на 4 април.

Косово одржа општи избори на 9 февруари 2025 година, по што следеа предвремени парламентарни избори на 28 декември 2025 година.

Новата влада предводена од Курти доби доверба во парламентот на 11 февруари.