Мицкоски: Криминалот не смее да се исплати, украденото мора да му се врати на народот
Во моментот се обработуваат повеќе од педесет случаи за висока корупција кои со години биле прикривани, а очекуваме отворање нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата, рече премиерот
Денеска ги поставуваме темелите за систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединците, изјави премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот.
Ова тело, рече премиерот, не е формалност, туку јасна и недвосмислена порака дека државата конечно цврсто, систематски и бескомпромисно стои против криминалот и корупцијата.
„Оваа Влада ја почна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментот се обработуваат повеќе од педесет случаи за висока корупција. Случаи што со години беа прикривани, одложувани или игнорирани. Но, ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и во институциите. Сакам да кажам гласно и јасно: нема селективна правда, нема заштитени, нема недопирливи“, истакна Мицкоски.
Сепак, како што нагласи, за таа борба да биде успешна, потребно е зајакнување на судството и на Обвинителството, институционално, кадровски и функционално, бидејќи, „само силно, независно и професионално судство и Обвинителство може да ја изнесат оваа борба до крај и да обезбедат правдата да не биде бавна, ниту селективна, туку ефикасна и правична“.
„Јас сум за засилени мерки во борбата против корупцијата, но борбата не завршува со кривични постапки. Борбата мора да заврши со конфискација на нелегално стекнатиот имот бидејќи криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да му се врати на народот. Токму затоа ги воспоставуваме овие механизми и токму затоа денеска го конституираме овој Совет. Конфискацијата на нелегално стекнатиот имот и имотна корист не е едноставен чекор. Тоа е повеќедимензионален и посложен процес, што опфаќа повеќе фази, меѓусебно поврзани и условени, во кои се вклучени повеќе институции со јасно дефинирани надлежности и одговорности“, рече премиерот.
Според него, следејќи ги фазите на постапката за враќање на имотот, стратегијата за периодот 2025 - 2028 година јасно дефинира три приоритетни области за дејствување.
„Прво, пронаоѓање, идентификување и следење на нелегално стекнат имот и имотна корист не само во земјата туку и надвор од неа преку меѓународна соработка и современи механизми за финансиска истрага. Второ, привремено обезбедување и конфискација на имот и имотна корист, и тоа брзо, ефикасно и во согласност со законот, без простор за манипулации, одолжувања или злоупотреба. И, трето, ефикасно управување со конфискуваниот и одземен имот, вклучително и негова повторна употреба за социјални цели бидејќи конфискуваниот криминален имот мора да добие нова општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните“, објасниМицкоски.
Овој Совет, под водство на потпретседателот на Владата задолжен за политиките за добро владеење, потенцира тој, има клучна улога во координацијата, надзорот и стратешкото насочување на сите овие процеси.
„Од вас очекувам професионалност, храброст и интегритет, но пред се резултатите се на прво место. Денеска ги поставуваме темелите за систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединците. Ова е борба за правна држава, ова е битка за доверба. Ова е борба за достоинството на граѓаните и ние нема да се откажеме од таа борба, вели премиерот Мицкоски.
Потпретседателот на Владата задолжен за политиките за добро владеење Арбен Фетаи вели дека оваа конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот претставува пресвртница во третманот на борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Според него, Националната стратегија за зајакнување на капацитетот за спроведување финансиски истраги и конфискација на имот 2025 - 2028 година и Акцискиот план од 2025 - 2026 година нуди јасна рамка и е во согласност со европските стандарди.
На денешната конститутивна седница, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека формирањето на Советот претставува суштински исчекор од декларативни политики кон системски пристап заснован на јасна одговорност, институционална координација и мерливи резултати.
„Финансиските истраги и конфискацијата на нелегално стекнатиот имот не се само прашање на безбедност и правда, туку директно влијаат врз фискалната стабилност, интегритетот на финансискиот систем и довербата на граѓаните во институциите“, нагласи министерката Димитриеска-Кочоска.