Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека нема рок за прекин на огнот со Иран, ниту договор за нов датум за преговори.
Тој во интервју за Фокс њуз изјави дека го продолжил прекинот на огнот со Иран „на неодредено време“, негирајќи ги медиумските извештаи дека го продолжил за три до пет дена.
Зборувајќи за двата товарни брода што иранските сили ги запленија во Ормускиот теснец порано денес, Трамп рече дека „тоа не биле американски бродови“ и додаде дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата.
На прашањето кога би можела да заврши војната, тој рече дека „нема временска рамка“ и дека „нема брзање“.
„Луѓето велат дека сакам да завршам со тоа поради изборите, што не е вистина“, рече Трамп.
Тој оцени дека поморската блокада им нанесува поголема штета на иранските власти отколку бомбардирањето.
„Тие се плашат од блокади дури и повеќе од бомбардирања. Тие се бомбардирани со години, но ги мразат блокадите. И кога еднаш ќе се расипаат бунарите, понекогаш остануваат затворени засекогаш“, рече Трамп.
Американскиот претседател додаде дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, е „паметен човек“ и дека ќе биде во иранската делегација кога ќе се обноват преговорите меѓу Иран и САД.









