| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Тошковски: По 30 години повторно имаме државно Средно полициско училиште
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека повторното отворање на училиштето е важен чекор во реформата и професионализацијата на полицијата
Тошковски: По 30 години повторно имаме државно Средно полициско училиште
Министерот рече дека целта е земјата да добие подобро образована и подготвена полиција која ќе може да одговори на современите безбедносни предизвици

По пауза од речиси три децении, денеска официјално почна со работа новото државно Средно полициско училиште „7 Мај", со што земјата повторно добива системски процес за образование на иден полициски кадар.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посети Полициската академија, каде што официјално започна наставата за 310 ученици од првата генерација на училиштето.

Тошковски оцени дека повторното отворање на училиштето е важен чекор во реформата и професионализацијата на полицијата.

Тој посочи дека последниот упис во средно полициско училиште во Македонија бил пред околу 30 години, а новата генерација по две години треба да се стекне со професија полициски службеник.

Првично било планирано да бидат примени 200 ученици, но поради големиот интерес капацитетот бил зголемен за 50 проценти. На конкурсот се пријавиле 510 кандидати, а по проверката на условите биле примени 310.

Тошковски изрази загриженост поради слабиот интерес кај кандидатите од помалите етнички заедници. Од вкупно 510 пријавени, 43 биле од помалите заедници, од кои 31 Албанци. Според информациите со кои располага министерот, од нив биле примени 11.

Тој нагласи дека проблемот не бил во приемот, туку во малиот број пријавени и најави дека во иднина ќе се работи на поголема мотивација на младите од сите етнички заедници да се запишуваат во училиштето.

Како главни причини поради кои дел од кандидатите не ги исполниле условите, Тошковски ги посочи поведението и критериумот за висина. Тој демантираше дека непознавањето на македонскиот јазик било причина за одбивање кандидати.

За следните уписни рокови ќе се разгледа и можноста за прилагодување на дел од формалните критериуми.

„Пред сè, ни требаат чесни, професионални, посветени и едуцирани луѓе кои си ја сакаат државата“, рече Тошковски, додавајќи дека Средното полициско училиште треба да биде основа за создавање професионален полициски кадар.

Според него, целта е земјата да добие подобро образована и подготвена полиција која ќе може да одговори на современите безбедносни предизвици.

„Сигурен сум дека за две години отсега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите и од страна на менторите и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште“, рече Тошковски.

Министерот упати благодарност до сите кои во изминатиот период беа вклучени во процесот за повторно воспоставување на Средното полициско училиште.

Повторното воспоставување на Средното полициско училиште „7 Мај“ е дел од процесот на јакнење на кадровските и образовните капацитети на Министерството за внатрешни работи, со цел создавање нови генерации професионални, обучени и одговорни полициски службеници подготвени да одговорат на современите безбедносни предизвици и да им служат на граѓаните и државата.

Повеќе
Путин, Пезешкијан и Алиев во Туркменистан разговараа за трилатералната соработка
ОН: Речиси 50.000 жени и девојчиња се убиени или тешко повредени во Газа од октомври 2023 година
Сулејмани: Преспа заслужува да биде простор каде што разликите се почитуваат
Николовски: Договорена нова авиолинија Подгорица-Скопје и поврзување со пристаништето Бар
Турскиот борбен дрон Акинчи ја погоди целта при првиот тест со домашен систем за наведување
ТРСК ја критикува ЕУ за одржување на неправедниот статус кво за изолацијата на кипарските Турци
Три лица загинале во нападите врз аеродромот „Крал Калид“ во Ријад
Јужноафриканската правничка Нави Пилеј ја доби Нобеловата награда за мир за 2026 година
Црна Гора: Уапсени пет лица во операција против руската информативна мрежа „Рибар“
Иран и САД размениле нови предлози за преговори, му рекол Пезешкијан на Путин во Туркменистан
Израел уби седум Палестинци во вчерашните напади низ Газа
Хрватска: Уапсени неколку лица под сомнение за организиран криминал и нелегално отстранување отпад
САД ќе ja емитуваат во живо егзекуција на напаѓачот од Форт Худ од стрелачки одред
Најмалку 10 загинати и 16 повредени при бунт во затвор во Мексико
Франција одговори на училишните протести со ветување за 3.000 дополнителни наставници