Обвинетите за пожарот во Кочани негираат вина, нивните адвокати го оспоруваат обвинението
Зарем сериозно мислите дека ќе дозволам ако фали нешто не би сторил сторил сè за да се отстрани навреме, во тој клуб имаат пораснато десетина генерации и сите знаат колку се грижев за безбедноста во клубот, изјави сопственикот на Пулс, Дејан Јованов
Ниту еден од 35 обвинети за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани во која загинааа 63 лица, на денешното рочиште не призна вина за трагедијата, а одбраната на повеќемина од обвинетите во своите воведни говори ја оспори основаноста на обвинението.
Адвокатите нагласија дека нивните клиенти не презеле дејствија кои би имале директна врска со трагичниот настан, и дека поседувале валидна документација. Тие најавија изведување на докази и сведоци кои, според нив, ќе потврдат дека обвинетите не се одговорни за пожарот и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на лична вина.
Првообвинетиот, Дејан Јованов, познат како газда Деко, прв се изјасни дека кај него нема вина за кривичното дело што му се става на товар.
„Јас како човек и родител, каде што се собираат сите млади и моите деца, дали ќе дозволам да фали нешто. Зарем сериозно мислите дека ќе дозволам ако фали нешто не би сторил сторил сè за да се отстрани навреме. Во тој клуб имаат пораснато десетина генерации и сите знаат колку се грижев за безбедноста во клубот”, рече тој.
Јованов, од срце и од душа, како што кажа, сака да им изрази сочувство на семејствата на сите што имаат загинати, а на повредените брзо закрепнување.
Кажа дека ја знае нивната болка, затоа што сите имаат некој загинат и повреден.
На крајот кажа оти не знае зошто во случајот е обвинет неговиот син Михајло Јованов.
„Тој немаше никакви допирни точки со клубот. Имаше фирма за дистрибуција и беше обичен гостин во клубот”, кажа тој.
Претходно неговата бранителка Ивана Коцева во долг воведен говор зборуваше за правни нелогичности и пропусти што ги направило Обвинителството во обвинението. Таа рече дека причина за пожарот е пиротехниката, која без да ја пријават кај Јованов ја внеле и ја употребиле членовите на ДНК.
Коцева рече дека во постапката ќе докаже дека од отворањето на кабарето до трагичниот пожар не можело да постои свест кај Јованов за непреземени мерки за безбедност оти сите служби што имале сознанија не предочиле законски пропусти. Оттука, Коцева смета дека Јованов може да одговара за небрежност и за ништо повеќе. Укажа дека институциите цели 13 години му издавале лиценци откога утврдувале дека ги исполнува условите.
„Тој не бил стручен да препознае недостатоци, институциите немале забелешки“, рече Коцева. Таа се пожали дека како бранителка има тешка задача оти треба да одбрани човек што за сите е убиец, а таа го гледа како човек.
„Дејан е човек, не е монструм“, рече Коцева и нагласи дека во судницата не се дојдени за одбрана на злосторства, туку да дојдат до правдата. Воведниот говор го заврши со зборовите: „Не може да бараме правда, а да ја засноваме на неправда“.
Коцевска, како бранител и на третообвинетиот Михаил Јованов, истакна дека Обвинителството не обезбедило ниту еден доказ кој ја поткрепува тезата за негово гонење, ниту пак прецизирало конкретно дејствие што му се става на товар.
Според неа, Јованов се наоѓа на обвинителна клупа единствено затоа што е син на газдата на „Пулс“ Дејан Јованов.
Второобвинетиот, Митко Стојанов, кој бил директор на фирмата МММ кафе, на чие име била една од лиценците за дискотеката, пред да каже дека не се чувствува виновен, рече дека искрено жали за болката на родителите и кога би можел животот би го дал на местото на загинатите.
Милка Едровска, вработена во „Венци проект“, која го изработила проектот за дискотеката и е обвинета дека изготвила лажен основен проект за клубот, рече дека не се чувстува виновна и изрази длабоко сочувство до семјествата на починатите и посака побрзо оздравување на повредените.
И Тодор Јованов, братот на Дејан Јованов, рече дека не се чувствува виновен.
Не признаа вина ниту тројцата поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов.
Директорот на агенцијата „Рубикон“, Александар Нацев, изрази сочувство за загинатите.
„Овде сме за правдата, да не се осудуваме предвреме, не се чувствувам виновен“, рече тој.
Управителот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Јане Јанчевски, изрази сочувство до родителите и посака побрзо закрепнување на повредените.
Министерот без ресор Шабан Салиу и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вели дека се работи за политички монтирано и правно неиздржано обвинение.
Директорите на ДЗС, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами, рекоа дека не чувствуваат вина и изразија сочувство до семејствата на починатите.
И поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши рекоа дека не чувствуваат вина и сочувствуваа со семејствата на починатите и повредените.
Судијката Диана Груевска-Илиевска, пред да почне рочиштето за предметот „Кочани“, го прозва обвинетиот Џеваир Камбери, службеник од Министерство за економија, и го соочи со веста што ја добила – дека кај него се пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп. На ова, обвинетиот рече дека телефоните ги затекнал кога влегол во ќелијата, и оти не биле негови.
– Пронајдени се 13 телефони и не се ваши? Јас ве опоменувам, знаете дека ако се повтори, ви следува самица и други казнени мерки – рече судијката.
Пред почетокот на судењето, судијката информираше дека биле поднесени нови полномоштва за оштетени лица. Еден од нив пред судскиот совет се појави со преврзана глава, сѐ уште лекувајќи ги тешките повреди здобиени во пожарот. Тој пред судот изјави дека се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетите, но истакна дека отштетното побарување ќе го остварува во граѓанска постапка.
Извор: ТРТ Балкан