САД во првите два дена од војната потрошиле муниција во вредност од 5,6 милијарди долари

Администрацијата на Трамп би можела до Конгресот уште оваа недела да поднесе дополнително барање за буџетот за одбрана, потенцијално вредно десетици милијарди долари, со цел да се продолжи со воената кампања, пишува Вашингтон пост

By
Некои од советниците на Трамп, пак, приватно го поттикнуваат јавно да изнесе план за излез од војна со Иран, пишува Волстрит Џурнал / Reuters

Во текот на првите два дена од воената операција против Иран, Пентагон потрошил муниција во вредност од околу 5,6 милијарди долари, пишува Вашингтон пост повикувајќи се на тројца американски функционери.

Овие информации дополнително ја нагласуваат растечката загриженост на дел од законодавната власт во Вашингтон за брзината со која американските сили ги користат ограничените залихи од најнапредното американско оружје.

Проценката, презентирана на Конгресот во понеделник, покренува нови прашања за отфрлањето на загриженоста на законодавната власт од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која тврдеше дека операцијата против Иран не ја загрозува борбената готовност на американската војска.

Администрацијата на Трамп би можела до Конгресот уште оваа недела да поднесе дополнително барање за буџетот за одбрана, потенцијално вредно десетици милијарди долари, со цел да се продолжи со воената кампања, според функционерите.

Се очекува на таквото барање да се спротивстават голем број демократи, чии обиди да ја ограничат администрацијата од понатамошни воени дејствија против Иран досега беа неуспешни.

Волстрит џурнал, пак, пишува дека некои од советниците на Трамп приватно го поттикнуваат јавно да изнесе план за излез од војна со Иран, велат извори запознаени со ситуацијата.

Советниците сакаат тој да покаже дека американската војска во голема мера ги постигнала своите цели за војната. Тие предупредиле дека продолжената војна со Иран ќе ја еродира поддршката во Соединетите Држави, дури и ако републиканците во моментов во голема мера ги поддржуваат нападите врз Иран.

Советниците одговарале на повиците од републиканците кои изразиле загриженост за тоа што војната би значела за претстојните среднорочни избори во САД.

Како резултат на тоа, советниците на Трамп утврдиле дека им е потребен поагресивен план за односи со јавноста за да ја претстават војната во услови на зголемување на цените на бензинот.