Трамп му се закани на Иран со уништување на електраните и мостовите ако нема договор до вторник
Иранците, пак, одговараат дека ќе го отворат Ормускиот теснец само кога дел од приходите од транзитот ќе се искористат за компензација на воените штети
Претседателот на САД, Доналд Трамп, му се закани на Иран со пцости дека ќе ја уништи неговата енергетска инфраструктура ако Ормускиот теснец не се отвори до вторник.
Трамп вели дека вторник ќе биде Ден на електраните и Ден на мостовите ако клучниот бродски пат остане затворен.
Така, Трамп ја повтори својата претходна закана дека „ќе се отвори пеколот“ ако Иран не го исполни неговиот ултиматум до 6 април. Трамп претходно постави рокови, но ги одложуваше.
Тој, од друга страна, за Фокс њуз изјави дека постои „добра шанса“ да се постигне договор со Иран.
Иранците, пак, одговараат дека ќе го отворат Ормускиот теснец само кога дел од приходите од транзитот ќе се искористат за компензација на воените штети.
„Ормускиот теснец ќе се отвори повторно само кога дел од приходите од транзитот ќе бидат искористени за компензација на сите штети предизвикани од наметнатата војна“, изјави Мехди Табатабаи, заменик за комуникации и информации во иранската претседателска канцеларија, на платформата Х.
Табатабаи остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека тој „прибегнал кон навреди и бесмислици од очај и гнев“ и го обвини дека „почнал војна од големи размери во регионот и сè уште се фали со тоа“.
Регионот е во состојба на висока готовност откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива против Иран на 28 февруари, во која досега загинаа повеќе од 1.400 луѓе, вклучувајќи го и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се стационирани американски воени единици. Иран, исто така, го ограничи движењето на бродовите низ Ормускиот теснец.