| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Нова генерација питомци и офицери положија заклетва на Воената академија
Заклетвата не се само патриотски зборови, туку израз на решеност, истрајност и верност, но, не смеете да ги занемарите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности, порача претседателката Сиљановска Давкова
Нова генерација питомци и офицери положија заклетва на Воената академија
Министерот Мисајловски на новите питомци за офицери им рече дека униформата која ја носат претставува гордост, но и одговорност / Others
10 ноември 2025

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје денеска се одржа свечена заклетва на 29-та класа питомци и слушатели од Курсот за офицери и штабни службеници.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска се обратија пред новата класа од 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери кои дадоа свечена заклетва, со што и официјално го започнаа своето воено образование.

Дополнително, дел од Академијата ќе бидат и пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.

Претседателката Сиљановска Давкова порача дека питомците стапуваат во Армијата кога се најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, длабоки геополитички бранувања и промени.

Заклетвата не се само патриотски зборови, туку израз на решеност, истрајност и верност. Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, но и асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности“, рече таа.

Министерот Мисајловски на новите питомци и слушатели за офицери им рече дека униформата која ја носат претставува одговорност, укажувајќи дека во армиското семејство „интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, вредности кои се силни и инспиративни.“

Од денеска вие припаѓате на едно големо армиско семејство, каде интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, и секогаш се силни и инспиративни. Ве очекуваат предизвици кои ќе ја стават на тест вашата физичка подготвеност, но и психичка издржливост. Ќе научите како да ги совладате вештините на воената професија, ќе научите кога треба брзо да реагирате, да бидете одлучни, но истовремено и трпеливи“, рече тој.

Додаде дека процесот на воената едукација ќе ги научи дека вистинската сила и умешност не е само во знаењето и вештините кои ќе ги стекнат, туку и во посебноста на нивните карактери, во истрајноста и во вербата дека служат на нешто многу поголемо од себе.

Министерот истакна дека Академијата е симбол на извонредност, како воена установа „која повеќе од 30 години создава лидери кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава.“

Деканот на Академијата, полковникот Ненад Танески истакна дека дадената заклетва значи и завет кон знамето, како и „една вековна нишка на верност, што ја поврзува секоја генерација што се борела за слободата на нашата земја.“ За свечената заклетва, рече, дека е ветување пред себе, својот народи и својата историја дека ќе ја чуваат татковината со знаење, дисциплина и љубов.

„Воената академија…веќе три децении стои на темелите на тие идеали. Нашата мисија е да создадеме современ офицер — образован, морален и одлучен, човек што ја разбира тежината на зборот должност и величината на зборот чест“, порача Танески.

Повеќе
Израелските сили ја заострија опсадата на Западниот Брег, упаднаа во Калкилија
Орбан: Унгарија ќе ја тужи ЕУ ако Брисел го игнорира ветото за санкции за купување руски гас и нафта
Радев: Внесувањето на Бугарите во Уставот ќе го забрза присоединувањето кон Европската унија
Израелски резервен офицер се самоуби откако беше вмешан во геноцидот во Газа
Мадуро: Венецуела ќе продолжи да прифаќа мигранти депортирани од САД
Германската опозиција ја критикува планираната посетата на канцеларот во Израел
Путин пречекан на претседателската церемонија пред самитот Индија-Русија
Њујорк тајмс го тужи Пентагон дека ја ограничува слободата на изразување
Израелска делегација разговараше во Египет за враќањето на последниот заложник од Газа
ТРТ го напушти состанокот на ЕБУ, членовите се судрија околу учеството на Израел на Евровизија
Поранешните градоначалници на Кочани негираат вина за пожарот во Пулс
Средба Муцунски - Сијарто во Виена, нагласена поддршката на Унгарија за евроинтеграцијата
Турскиот извоз на одбранбената и авијациската индустрија достигна рекордни 7,4 милијарди долари
Николовски во Брисел: Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е политички
Европската комисија ја одобри реформската агенда на Босна и Херцеговина