Судија во Мајами издаде налог за апсење на 95-годишниот поранешен кубански претседател Раул Кастро, во врска со соборувањето на два цивилни авиони во 1996 година, при што загинале четири лица, меѓу кои и тројца американски државјани.
Налогот го товари Кастро за заговор со кубански разузнавачки агенти за извршување убиство од прв степен. Документот бил потпишан во петокот, по истрага спроведена од Одделот за спроведување на законот на Флорида, се наведува во судските документи до кои дојдоа Мајами хералд (Miami Herald) и Тампа беј тајмс (Tampa Bay Times).
Во писмената изјава под заклетва се тврди дека Флорида има надлежност да покрене обвинение против Кастро, бидејќи двајца кубански шпиони наводно се инфилтрирале во групата „Браќа за спасување“ (Brothers to the Rescue) во Мајами и Ки Вест, и им пренеле на кубанските власти информации за летовите пред самиот напад.
„Браќа за спасување“ е непрофитна организација со седиште на Флорида, основана од кубански емигранти познати по својот отпор против кубанската влада.
Според изјавата, шпионската мрежа им дала насоки на своите доушници да не летаат со групата во периодот од 24 до 27 февруари 1996 година.
Еден од доушниците ја напуштил Флорида и се вратил во Куба на 23 февруари, еден ден пред да бидат соборени авионите.
„Постои основано сомневање дека обвинетиот, Раул Модесто Кастро Руз, се договорил со други лица да изврши убиство од прв степен врз... лицата кои се наоѓале во авионите (на групата „Браќа за спасување“)“, се вели во документот.
На 24 февруари 1996 година, кубански борбени авиони соборија два мали авиони управувани од „Браќа за спасување“, при што загинале сите четири лица кои се наоѓале во нив.
Куба тврдеше дека авионите се наоѓале во нејзиниот воздушен простор и ја оправда акцијата како самоодбрана, додека САД изјавија дека тие биле над меѓународни води - став што подоцна беше потврден и од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, која заклучи дека инцидентот се случил надвор од кубанскиот воздушен простор.
Во документот се наведува дека постојат доволно докази за сомневање за заговор на територијата на Флорида, бидејќи шпионите споделувале информации за летовите и ја надгледувале поморско-воздухопловната база.
Налогот доаѓа неколку месеци откако главниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмајер, во март најави кривична истрага на државно ниво за улогата на Кастро во инцидентот.
Ова е вториот налог издаден против Кастро во врска со овој инцидент.
Кастро, кој во тоа време бил началник на вооружените сили на Куба, во мај беше обвинет и од Министерството за правда на САД за убиство и заговор за убиство.
Се очекува јавниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмајер да го објави налогот за апсење на прес-конференција во Мајами, во понеделник.
Раул Кастро е брат на покојниот Фидел Кастро, кој управуваше со островската држава речиси 50 години, а почина во 2016 година.
Раул беше претседател на Куба од 2008 до 2018 година, наследувајќи го Фидел, кој привремено му ја пренесе власта во 2006 година, откако сериозно се разболе.

















