Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) планира во следните пет години да инвестира 6 милијарди долари во проекти во рамките на турската Платформа за забрзување на обновливите извори на енергија и транзиција кон чиста енергија (РEAЦT), соопшти банката.
Платформата беше промовирана на посебен настан за време на климатската конференција на ОН, КОП31, во Анталија, при што ЕБОР се приклучи како еден од првите потписници, откако претходно помогна во обликувањето на иницијативата заедно со турското Министерство за енергетика и природни ресурси.
Целта на РЕАЦТ е да мобилизира 300 милијарди долари до 2040 година во областите на производство на енергија од обновливи извори, мрежна инфраструктура, складирање енергија, решенија за флексибилност, производство и електрификација, во согласност со Глобалното ветување за електрификација „35-до-35“ (35-by-35) од конференцијата КОП31.
Иницијативата ќе ја поддржи амбицијата на Туркије до 2040 година да достигне 175 гигавати инсталиран капацитет од соларна енергија и енергија од ветер.
Таа обединува јавни институции, развојни партнери, финансиски институции, инвеститори и приватниот сектор со цел координирање на спроведувањето и финансирањето.
Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо, изјави дека банката ќе го искористи своето искуство во енергетскиот сектор во Туркије за да ја поддржи транзицијата преку инвестиции и стручно знаење.
„Туркије постави амбициозни цели за својата енергетска транзиција“, рече таа.
Таа ја поздрави решеноста на земјата да ги претвори тие амбиции во инвестиции и конкретни дејствија, истакнувајќи ја соработката со турските партнери, како и искуството на банката со турската Платформа за инвестиции во индустриска декарбонизација.
Меѓу другите поддржувачи се Европската унија, Светската банка, Меѓународната финансиска корпорација, Глазговската финансиска алијанса за нето-нула емисии (ГФАНЗ), Климатските инвестициски фондови, германската развојна банка КфВ и Организацијата на ОН за индустриски развој.
ЕБОР е еден од најголемите институционални инвеститори во Туркије, со вложени повеќе од 28,8 милијарди долари во земјата, главно во приватниот сектор.






















