| Macedonian
ПОЛИТИКА
3 мин читање
Израелскaтa опозициja го предлoжи Ајзенкот за премиер, ветува формирање Влада на национално единство
Лидерите на партиите се координирани и веднаш ќе дејствуваат за да ја заменат „владата од 7 октомври“ со „влада на национално единство“, соопштија партиите, додавајќи дека ќе настојуваат да обезбедат јасно парламентарно мнозинство во Кнесетот
Израелскaтa опозициja го предлoжи Ајзенкот за премиер, ветува формирање Влада на национално единство
Ајзенкот, поранешен началник на израелската војска, е лидер на партијата Јашар, која освои најмногу пратенички места по Ликуд на Нетанјаху

Израелските опозициски лидери денес се согласија да му го предложат на претседателот Исак Херцог лидерот на партијата Јашар, Гади Ајзенкот, за формирање на новата влада, ветувајќи дека ќе ја заменат владата на Бенјамин Нетанјаху со „влада на национално единство“.

Договорот бил постигнат по заедничкиот состанок на лидерите на опозициските партии во Херцлија, во западно-централниот дел на Израел, во пресрет на почетокот на консултациите во резиденцијата на Херцог, закажани за утре, објави Ерусалем пост.

Според наводите, сите партии што учествувале на состанокот ќе му го препорачаат Ајзенкот на Херцог за формирање на новата влада, а нивните преговарачки тимови веднаш ќе започнат со изработка на политичките насоки и коалициските договори потребни за формирање на новиот кабинет.

„Лидерите на партиите се координирани и веднаш ќе дејствуваат за да ја заменат ‘владата од 7 октомври’ со влада на национално единство“, соопштија партиите, додавајќи дека ќе настојуваат да обезбедат „јасно парламентарно мнозинство“ во Кнесетот.

Лидерите разговарале и за чекорите што треба да се преземат во првите денови од работата на новиот Кнесет, со цел формирање влада и избегнување нови избори, се наведува во соопштението.

Тие соопштија дека се „согласиле за потребата од формирање ционистичка влада во најкус можен рок, врз основа на четирите принципи што ги предложи Гади Ајзенкот“.

Лидерите ја потврдија својата „целосна посветеност на почитувањето на одлуката на израелските гласачи, кои јасно и недвосмислено гласаа за промени и против продолжување на мандатот на актуелната влада“.

Тие ги усогласиле и парламентарните планови и чекорите потребни тоа мнозинство да се преточи во непосредна акција, почнувајќи од првите денови на новиот Кнесет.

Конститутивната седница на Кнесетот е закажана за 10 ноември, кога се очекува да биде избран нов претседател на Парламентот, кој ќе го замени актуелниот претседател Амир Охана од партијата Ликуд.

Лидерите разговарале за „опасната и неодговорна“ кампања што ја водат Ликуд и Нетанјаху со цел да се оспори легитимноста на изборните резултати и на Централната изборна комисија, потврдувајќи ја својата непоколеблива посветеност на нивната одбрана, се наведува во соопштението.

Тие се согласиле дека „сите нивни партии ќе му препорачаат на претседателот на државата да му го довери на Ајзенкот мандатот за формирање влада, со цел процесот да се заврши што е можно побрзо и Израел да се поштеди од нови избори“.

Исто така, се согласиле дека „преговарачките тимови на нивните партии веднаш ќе започнат со изработка на политичките насоки и коалициските договори потребни за формирање на израелската влада“.

Тие соопштија дека ќе „одржуваат блиска и континуирана координација во наредните денови, сè до положувањето заклетва на новата влада“.

„Немаме време. Мораме да дејствуваме исклучително брзо. Затоа, што е можно поскоро ќе работиме на обезбедување на претседателското место во Кнесетот, добивање на мандатот за формирање влада и продолжување со полна пареа кон формирање ционистичка влада на промени“, изјави Бенет на крајот од состанокот, пренесе израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН.

Состанокот се одржа еден ден пред Централната изборна комисија на Израел утре да ги објави официјалните и конечните изборни резултати, и покрај тоа што Нетанјаху и крајната десница го доведуваат во прашање исходот.

Денешниот состанок беше прв заеднички состанок на опозициските лидери по изборите одржани на 27 октомври. На него учествувале Ајзенкот, поранешниот премиер Нафтали Бенет од партијата Заедно, лидерот на партијата Јизраел Бејтену, Авигдор Либерман, Јаир Голан од партијата Демократи и опозицискиот лидер Јаир Лапид, според „Џерусалем пост“.

По изборите, блокот на Нетанјаху освои 53 места во Кнесетот, кој брои 120 пратеници, додека опозицијата обезбеди 48 места, а арапските партии освоија 19.

Опозицијата и натаму нема доволно места за самостојно да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство од 61 пратеник, поради што поддршката од арапските пратеници потенцијално би можела да биде пресудна во обидите за формирање влада.

Повеќе
Катар: САД и Иран ги разгледуваат предлозите со цел постигнување договор
Украинскиот претседател во посета на Берлин на разговори со Мерц
Ердоган: Разговаравме за постигнување на целта од 15 милијарди долари размена со Јужна Кореја
Неколку училишта блокирани низ Франција, илјадници луѓе се очекува да се приклучат на протестите
Виткоф: САД ќе посредуваат во разговорите меѓу Русија и Украина на 10 и 11 ноември
Израел заплени над 26 дунуми палестинска земја на окупираниот Западен Брег
Иран испрати „цврст и рационален“ одговор до САД; „топката е кај Америка“ за да се спречи војна
Волстрит џурнал: САД извршија напади врз иранскиот остров Кешм
Речиси 70 повредени додека Русија и Украина разменуваат обвинувања за ноќните воздушни напади
Нетанјаху повика на формирање широка национална влада под негово водство, без арапските партии
Анкети: Демократите во водство во сите 7 клучни трки за Сенатот пред изборите во вторник
Грција забрани протест поради пристанување на израелски крузер на островот Сирос
Ибрахимовиќ: Црна Гора не се согласува со ирационалните барања на Хрватска
Арагчи: Иран спроведува интензивна шатл-дипломатија преку Катар и Пакистан
Туркије врати 100 културни артефакти од САД