| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Славески: Се подготвува исплата на пензиите на 3.500 пензионери без платежни картички во АЛТА банка
Правните лица коишто имаат сметки во АЛТА банка АД Битола, согласно со воведените мерки, можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката, кон сметките на други правни и физички лица, без ограничување, рече гувернерот
Славески: Се подготвува исплата на пензиите на 3.500 пензионери без платежни картички во АЛТА банка
Јавноста ќе биде навремено информирана за релевантни промени и донесени сите одлуки, рече гувернерот

Народната банка подготвува посебно решение за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери коишто примаат пензија преку АЛТА банка АД Битола, а немаат платежни картички, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Гувернерот во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека се разгледува можноста за еднократно подигнување до 20.000 денари преку шалтер, со цел да им се олесни пристапот до нивните средства.

Истовремено, се бараат решенија и за компаниите коишто имаат средства во Банката, а треба да ги исплатат платите и да ги намират обврските за даноци и придонеси.

„Од вкупно 11.500 пензионери коишто примаат пензија преку Банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив подготвуваме посебно решение за исплата преку шалтер. Целта е да им овозможиме полесен пристап до нивните средства, а јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе бидат утврдени сите потребни детали“, посочи гувернерот Славески.

Во оваа насока се разгледува и можноста, исклучиво за пензионерите без платежни картички, да се овозможи еднократно подигнување до 20.000 денари, со цел да се избегнат повеќекратни посети на шалтерите и да им се олесни располагањето со средствата.

Во однос на работењето на правните лица коишто имаат сметки во „АЛТА банка АД Битола, согласно со воведените мерки, тие можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката, кон сметките на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од Банката се привремено ограничени.

„Народната банка ги разгледува и можните решенија за компаниите коишто имаат средства на сметки во Банката, а треба да им ги исплатат платите на вработените и да ги намират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок за нивно плаќање е до 15-ти во месецот“, истакна гувернерот.

Во рамките на натамошните активности, Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали АЛТА банка АД Белград ќе ги понуди на продажба акциите во АЛТА банка АД Битола.

„Без разлика дали ќе добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на АЛТА банка АД Битола на Македонската берза. Постои интерес од неколку потенцијални инвеститори, од земјата и од странство, за преземање на акциите на Банката. Постапката за евентуална продажба ќе се спроведе во согласност со законската регулатива и надлежностите на Народната банка. Целта е да се обезбеди избор на соодветен инвеститор којшто ќе ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката“, истакна гувернерот.

Славески нагласи дека роковите за преземање на следните чекори се кратки, бидејќи брзината на постапување е особено важна за изнаоѓање соодветно решение за Банката.

Народната банка навремено реагираше со воведување привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, како заштитна мерка со времетраење до три месеци, во согласност со законската регулатива.

Повеќе
Израелскaтa опозициja го предлoжи Ајзенкот за премиер, ветува формирање Влада на национално единство
Рама: Србија останува затворена за признавање на Косово
Аселсан склучи договор вреден 1,1 милијарда долари за извоз на системи за противвоздушна одбрана
Првата дама на Туркије ги истакнала историските врски со Јужна Кореја за време на посетата на Сеул
Сиљановска-Давкова од Брисел: Дијалогот со ЕУ мора да биде суштински и рамноправен
Мисајловски: Платата на вработените во Армијата и во одбраната се зголемува за 10% од 1 јануари 2027
Славески: Се подготвува исплата на пензиите на 3.500 пензионери без платежни картички во АЛТА банка
Министерството за правда на САД ќе ги следи изборите во сите 50 држави за првпат
Авион кој полетал од Израел принудно слета во Софија по заканувачка е-маил порака
Катар: САД и Иран ги разгледуваат предлозите со цел постигнување договор
Украинскиот претседател во посета на Берлин на разговори со Мерц
Ердоган: Разговаравме за постигнување на целта од 15 милијарди долари размена со Јужна Кореја
Неколку училишта блокирани низ Франција, илјадници луѓе се очекува да се приклучат на протестите
Виткоф: САД ќе посредуваат во разговорите меѓу Русија и Украина на 10 и 11 ноември
Израел заплени над 26 дунуми палестинска земја на окупираниот Западен Брег