Шведска: Првата земја што лекар може да ја препорача
Со иницијативата The Swedish Prescription, оваа скандинавска земја стана првата во светот што официјално се промовира како „дестинација по лекарски рецепт“
Шведска, земјата на бескрајните шуми и кристално чистите езера, повторно ја изненади светската јавност, овојпат не со технолошка иновација, туку со идеја што го спојува туризмот и здравството. Со иницијативата The Swedish Prescription, оваа скандинавска земја стана првата во светот што официјално се промовира како „дестинација по лекарски рецепт“.
Преку националната туристичка агенција Visit Sweden, докторите ширум светот сега можат да им препорачаат на своите пациенти патување во Шведска; не за луксуз или одмор, туку како дел од третман за подобро ментално и физичко здравје. Проектот се темели на едноставна, но длабока идеја: природата може да лекува. И тоа не симболично, туку со научно потврдени ефекти врз стресот, спиењето и севкупната благосостојба.
Според истражувањето на YouGov, речиси две третини од луѓето би го послушале својот лекар ако им препорача да поминуваат повеќе време во природа. И токму тоа е суштината на оваа иницијатива. Пациентите добиваат препораки за активности кои се дел од шведскиот начин на живот: капење во студени води во архипелагот на Стокхолм за подобра циркулација, сауна во Лапонија за квалитетен сон, прошетки низ борова шума за намалување на стресот или едноставно уживање во традиционалното fika: момент за кафе, разговор и тишина.
Шведска, со своите 69% шумска покривка, повеќе од 100 илјади езера и уставно загарантирано „право на движење во природата“ (allemansrätten), ја претставува својата средина како природен лек. Овој пристап оди подалеку од класичниот туризам, тоа е филозофија која го гледа патувањето како дел од превентивната медицина.
На веб-страницата на Visit Sweden, пациентите од целиот свет можат да преземат формулар за „шведски рецепт“, кој можат да го однесат кај својот лекар и заедно да одлучат дали патувањето во Шведска може да биде дел од нивниот пат кон подобро здравје.
Со овој проект, Шведска отвора ново поглавје во глобалната дебата за здравствената грижа, онаму каде што таблетите се заменуваат со свеж воздух, шумски прошетки и мирот на северното небо.
Затоа, можеби следниот пат кога ќе ви препишат терапија, нема да биде антибиотик, туку билет за Шведска. Две недели, и враќање со мир во умот.