| Macedonian
Мислење
РЕГИОН
3 мин читање
Пулс(от) на правдата
Судски предмет од ваков обем и со такви последици од кривичното дело бара многу посветеност, професионализам, правичност и време кое натежнало врз сите засегнати во случајот, но повеќе тежи неправдата
Пулс(от) на правдата
На обвинителите е сега да преминат од зборови на дела и да докажат дека тоа што го сработиле ќе ги донесе виновниците до заслужени казни / TRT Balkan

Осум месеци по големата трагедија во Кочани, 35 обвинети за големиот пожар во дискотеката Пулс во кој згаснаа 63 животи, седнаа на обвинетелната клупа.

За најблиските на настраданите премногу долго време поминато во исчекување на правдата и со помалку обвинети отколку што сметаат дека се виновни за несреќата. Обвинетите, пак, тврдат дека предолго се во притвор и под санкционирачки мерки бидејќи не се виновни.

Сепак, едно е сигурно, ова е можеби најтешкиот испит со кој се соочило македонското судство, но и целото општество. Судски предмет од ваков обем и со такви последици од кривичното дело бара многу посветеност, професионализам, правичност и време. А времето натежнало врз сите засегнати во случајот.

Но повеќе тежи неправдата. Независно колку време поминало од трагедијата и уште колку долго ќе помине до утврдување на целата вистина и пресудата за виновниците, најважно е да се пресуди праведно. 

Во воведните зборови Јавното обвинителство рече дека се бара одговорност по име и презиме, а општеството ќе мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи Пулс, бидејќи, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост.

На обвинителите е сега да преминат од зборови на дела и да докажат јасно и гласно и да ја уверат јавноста, но и Судечкиот совет дека тоа што го сработиле во изминативе месеци ќе ги донесе виновниците до заслужени казни.

А тоа веќе е друг проблем со кој се соочува овој процес. 

Уште на стартот од судењето роднините на настраданите изразија згрозување од настапот на одбраната на обвинетите и ги обвинија дека се без совест и дека заработуваат крвави пари само да ги спасат нивните клиенти.

Тие се плашат и на ова судење да не се повторат процесите за сообраќајните несреќи во Ласкарци и Бугарија и за пожарот во Модуларната болница во Тетово со неоправдани одложувања и предолги судења, кои резултираа со нереално ниски казни.

Затоа Судскиот совет предводен од судијката Дијана Груевска Илиевска има тешка задача да го истера процесот до крај без непотребни одложувања, но и без повреда на процедурата и на правата на обвинетите. 

Првата одлука на Судот за започнување на главната расправа и  спојувањето на двете обвиненија во едно и во ист процес е одлука во вистински правец, бидејќи станува збор за процедурална работа која не ја менува суштината, иако одбраната на обвинетите можеше и побара одложување, кое во некои други услови можеби и би било прифатено.

Најтешко ќе биде одмерување на казните, ако биде утврдена вина на обвинетите, или на дел од нив, бидејќи смртта на 63 претежно млади лица има особена тежина.

Судот на располагање има инструмент олеснителна околност, кој може да го примени и да утврди причини поради кои некому може да му биде досудена поблага казна, но постојат и отежителни околности, кои со оглед на големината на трагедијата не ќе можат да бидат занемарени. 

Ништо не може да ги врати загинатите, но одлуките на Судот мора да ги утешат најпогодените, како и преживеаните на пеколот во Пулс и да бидат освестувачка порака до сите институции и поединци дека системот мора да се почитува.

Себичноста и личното богатење врз сметка на здравјето и животите на останатите не смее да биде неказнето и да се толерира како што се толерирало за Пулс од 2012 година кога сопственикот Дејан Јованов Деко првпат побарал лиценца, но овој прв обид бил и единствениот кој бил одбиен од инстутициите.

Игор Шегавиќ

Напомена: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан

Повеќе
Зошто Туркије кривично го гони Нетанјаху и зошто е важен случајот
Бројот на жртви од земјотресот во Венецуела се искачи на 6.509
Марк Рафало го отфрли обвинувањето на Парамаунт за антисемитизам поради критиките за Оракл и Израел
Туркије и Катар се стремат кон 5 милијарди долари билатерална трговија
Израел убил над 21.500 деца од почетокот на војната во Газа
САД ја отстранија Сирија од листата на држави спонзори на тероризмот
Зеленски: Војната во Украина мора да е доволно болна за да се поттикне Русија на мировни преговори
Трамп: Иран е во целосен распад
Грција планира база за беспилотни летала на Родос
Зеленски: Украина сака мир, но нема да ѝ попушти на Русија по секоја цена
Туркије одбележува годишнина од прекуграничната воена антитерористичка операција против ДЕАШ
Одложено судењето за злоупотреби во АД „Државна лотарија“
Од полноќ поскапуваат бензините и дизелот
САД ги откажуваат заедничките поморски вежби со Јужна Кореја
Туркије ја зајакнува трговската интеграција со исламските земји