Вучиќ би прифатил Србија да биде членка на ЕУ без право на вето

Најважниот аспект за нас е внатрешниот пазар, како и слободниот проток на стоки, луѓе и капитал, централните вредности што сакаме да ги постигнеме преку членството во ЕУ, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ

By
Можноста за такво членство во кое новите членки нема да имаат целосни права со години или дури би биле под мониторинг, се споменува од ЕУ / Reuters

Српскиот претседател Александар Вучиќ би се согласил со членство на Србија во Европската Унија (ЕУ) кое не би било полноправно, наведувајќи дека поважни му се пристапот до пазарот и протокот на луѓе.

Членството во Европската Унија без право на вето е прифатливо за Србија, изјави Вучиќ за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Најважниот аспект за нас е внатрешниот пазар, како и слободниот проток на стоки, луѓе и капитал“, рече Вучиќ.

„Ова се централните вредности што сакаме да ги постигнеме преку членството во ЕУ“.

Германскиот весник потсети дека со согласувањето за членство без право на вето, Вучиќ му се придружи на албанскиот премиер Еди Рама, кој неодамна го кажа истото тоа.

„Внесете нè во Европа и јас сум подготвен да потпишам договор во кој јасно се наведува дека не сакаме да имаме право на вето“, рече Рама претходно.

Можноста за такво членство во кое новите членки нема да имаат целосни права со години или дури би биле под мониторинг, се споменува од Европската Унија веќе некое време.

Одредени кругови во Германија, а очигледно и на Балканот, сметаат дека ова е единствениот начин да се отвори реална шанса за проширување на ЕУ во блиска иднина.