„Спиеме под земја за да останеме на нашата земја“- Животот во пештерите на Масафер Јата

Додека израелските уривања и нападите врз доселениците се зголемуваат низ окупираниот Западен Брег, семејствата во Масафер Јата се држат за својата земја, дури и ако тоа значи спиење под неа

By
Палестинците кои се решени да останат на својата земја мора да живеат во пештерите низ Масафер Јата, Сафа Наџар е една од нив / AA

Во Халет ал-Дабаа, мала бедуинска населба во Масафер Јата - група палестински села во јужните Хебронски ридови - Фарида* се буди секое утро во полутемнината на пештерата: истиот тесен простор каде што таа готви, мие, се моли и спие покрај своите шест деца.

Воздухот е тежок со мирис на чад и земја. Нема врата, само искинато парче ткаенина прицврстено на карпа за да го блокира студениот ветер.

Кога ќе се раздени, блед зрак сончева светлина се филтрира низ пукнатините на пештерата, откривајќи неколку тенки душеци на земјата, поцрнети садови за готвење и влажни траги што се протегаат по ѕидовите од варовник.

„Порано, нашиот живот беше прекрасен“, раскажува Фарида за ТРТ Ворлд, сеќавајќи се на куќата што некогаш стоела над ридот пред да биде срушена од израелските сили пред еден месец.

[Дури и додека TРТ Ворлд разговараше со жителите, доселениците се собираа во близина, а семејствата ја предупредија екипата брзо да замине за да остане безбедна.]

„Имавме струја, вода и бања внатре. Можевме да се одмориме, можевме безбедно да спиеме. Сега сме принудени да одиме во долините за нашите тоалетни потреби. Одиме далеку, иако имаме млади мажи со нас за безбедност, повеќе нема приватност“, вели 41-годишната мајка.

Масафер Јата се наоѓа во област што Израел ја означи како воена зона на пукање во 1980-те, позната како Зона на пукање 918. Со децении, палестинските семејства како тоа на Фарида се соочуваат со закана од иселување, а нивните домови се на милост и немилост на воените наредби и навлегувањето на доселениците.

Во 2022 година, Врховниот суд на Израел го одобри иселувањето на Палестинците што живеат тука, одлука што отвори врата за уривањата што сега се забрзуваат три години подоцна.

Како и повеќето семејства во Масафер Јата, и семејството на Фарида се потпира на чување овци, мало земјоделство и неколку кошници за пчели за живот. По уривањето на сите палестински домови околу локацијата, пештерата стана сè што имаат.

„Сите ние заедно на еден простор“, додава таа. „Порано имавме две соби во нашиот дом, кујна, бања. Сега ги праќам моите синови надвор да се искапат само за да можат да имаат малку приватност.“

Нема вода, нема струја и нема тишина. „Сами ја носиме водата. Како да сме се вратиле 25 години назад“, вели Фарида.

Нејзиниот сопруг, Рафик*, сè уште носи модринки од денот кога израелските војници го претепуваа легнат на земја додека им го уриваа домот. 

„Ми вели: „Ќе останам буден, треба да ги чувам децата“, но дури и со ноќната стража, не можам да спијам. Безбедноста повеќе не постои во Халет ал-Дабаа“.

Внатре во пештерата, животот чека или безбедност или уште еден напад. „Што можеме да направиме?“, прашува Фарида. „Живееме во страв, но издржуваме. Бидејќи ако заминеме, доселениците ќе го заземат нашето место веќе следниот ден. Целото ова насилство има за цел да нè натера да заминеме за да можат да го преземат селото.“

Приказната на Фарида е само една од десетиците во последните недели, додека Израел ги обновува напорите за депопулација на јужните Хебронски Ридови.

Масафер Јата е дом на околу 1.200 Палестинци чии животи се превртени наопаку од тековната израелска кампања за уривање и раселување.

Таа кампања влезе во нова фаза на 28 октомври, кога израелските сили упаднаа во Хирбет Ум ал-Кеир, една од најранливите бедуински заедници во областа, делејќи конечни наредби за уривање на 14 куќи, еден општински центар и неколку земјоделски објекти.

Следниот ден, силите доставија околу 30 дополнителни известувања за уривање и запирање на работите во ерусалимските населби Исавија и Заим, вклучително и до семејствата во бедуинската заедница ал-Саиди.

Губернатурата на Ерусалим соопшти дека наредбите се дел од систематски напор за „празнење на областа од нејзините луѓе“ и унапредување на израелскиот проект за населување Е1, дизајниран да го поврзе Маале Адумим со Источен Ерусалим и да го прекине палестинскиот територијален континуитет.

ОН и групите за човекови права велат дека темпото на уривање се зголемило од средината на октомври, што се совпаѓа со зголемените напади на доселениците под воена заштита.

Според Комисијата за колонизација и отпор кон ѕидот на Палестинската самоуправа, Израел срушил повеќе од 1.000 структури на Западниот Брег и Источен Ерусалим од октомври 2023 година, раселувајќи илјадници во координиран обид да ја испразни земјата од нејзиниот народ.

Оваа ескалација продолжува и покрај советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од јули 2024 година, со кое присуството на Израел на окупираните територии е прогласено за нелегално според меѓународното право.

Загуба на „невестата од Масафер“

Некогаш дом на околу 24 семејства, Халет ал-Даба сега е речиси празен. Дина*(39), и нејзиното деветчлено семејство се исто така меѓу оние што сè уште се држат.

Дина се сеќава на времето кога нејзиното село било познато како „невестата на Масафер“.

„Доселениците и војската нè опкружија поради тоа колку е убаво ова место. Пиевме кафе наутро, печевме леб со соседите и ги пречекувавме лекарите кога доаѓаа. Нашиот живот беше едноставен, но мирен“, вели таа за ТРТ Ворлд.

Тој мир сега го нема. „Сè; зеленилото, слободата, надежта исчезнаа“, додава таа.

Дина и нејзиниот сопруг Хасан*, исто така сточари и земјоделци, постојано се грижат за своите пет ќерки-тинејџерки , но помислата за заминување е неподнослива.

„Ако ја напуштиме оваа земја, се губиме себеси. Подобро би умреле отколку да ја напуштиме.“

Хасан, кој поминал шест години во израелски затвор во нелегален притвор, ја дели нејзината решителност.

„Тој вели-Никогаш нема да го напуштам Халет ал-Дабаа, додава Дина. 

„Живееме без приходи, без безбедност, но сепак со достоинство. Бог обезбедува.“

На почетокот на мај, израелските сили влегоа во Халет ал-Даба со булдожери и багери во една од најголемите операции за рушење во областа. За неколку часа беа уништени девет куќи, шест станбени пештери, единаесет бањи, десет резервоари за вода, седум цистерни, четири засолништа за животни, просторија за електрична енергија, поголемиот дел од соларните панели и општинскиот центар.

Кога војската се повлече, останаа само четири градби, а речиси 90 проценти од селото беше сведено на урнатини.

Дојдоа да убијат

Кога Фарида зборува за ноќта кога нејзиното семејство беше нападнато минатиот месец, гласот ѝ се крши. Нелегалните доселеници, вели таа, ги удирале по главите, бидејќи дошле да убиваат.

„Шестмина од нив ме нападнаа мене“, се сеќава таа. „Ме удрија по главата и се онесвестив додека ме тепаа со стап. Рацете ми беа покриени со крв. Се обидов да ја заштитам ќерка ми, а тие ми ги скршија двете раце (покажува на нејзините повреди додека зборува)“.

Нејзиното најмало бебе, кое во тоа време имало едвај два месеци, било испрскано со солзавец. „Пена ѝ излегуваше од устата, лицето ѝ поцрвене. Мислев дека умре“, вели Фарида.

Нејзиниот 14-годишен син, Јусуф*, беше претепан по главата и помина пет дена на интензивна нега. „Тој рече: Мамо, умирам, сведочам дека нема друг Бог освен Алах, подготвувајќи се да умре“.

На почетокот на ноември, уривањата и нападите на доселениците се проширија уште подалеку низ окупираниот Западен Брег.

На 2 ноември, израелските сили извршија обемни уривања во градот Газа и Кан Јунис и покрај тековниот прекин на огнот. 

Само неколку дена подоцна, на 5 ноември, девет известувања за уривање беа издадени и на Западниот Брег, во селото Артас, јужно од Витлеем.

Сличен модел се одвиваше во блиското село Асфи, каде што шест палестински семејства беа информирани дека нивните домови, шатори и бунари ќе бидат уништени.

За многу Палестинци, „домот“ не е само покрив над главите; тоа е припадност и идентитет.

„Нашиот дом ги содржи нашата смеа, нашите спомени, нашиот мир. Кога доселениците го нападнаа, тие го нападнаа најсветото нешто што го имаме“, вели Дина.

„И ако прашате што сакаме светот да знае за палестинските жени, кажете им го ова: Палестинската жена е направена од железо. Таа е силна, нескршлива. Таа трпи сè и сè уште стои исправено“, додава Дина.

Фарида зборува со истата цврстина: „Дојдоа да нè убијат. Но ние нема да умреме двапати.“

*Сите имиња во статијата се анонимизирани од безбедносни причини.

Извор: ТРТ Ворлд