Трамп: Можни се разговори на САД со Мадуро

САД продолжуваат да изведуваат напади врз бродови во Карипското Море и Пацификот за кои администрацијата на Трамп тврди дека учествуваат во транспорт на дрога

By
Трамп: Можни се разговори на САД со Мадуро / TRT Balkan

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се можни разговори со неговиот венецуелски колега Николас Мадуро, во време на зголемена напнатост и масовно воено засилување во Карипското Море.

„Можеби ќе имаме некакви разговори со Мадуро, ќе видиме како ќе се развива тоа. Тие би сакале да разговараат“, изјави Трамп.

Неговата изјава следуваше по одлуката на САД да го стават венецуелскиот Картел де лос Солес на листата на странски терористички организации (ФТО), чекор што, според Трамп, ќе им овозможи на американските власти да таргетираат инфраструктура и средства поврзани со Владата на Мадуро, кого го обвинува дека го води криминалниот картел.

Во февруари Стејт департментот веќе стави повеќе мексикански наркокартели на листата ФТО, со што разузнавачките агенции добија поголеми овластувања за тајни операции.

САД продолжуваат да изведуваат напади врз бродови во Карипското Море и Пацификот за кои администрацијата на Трамп тврди дека учествуваат во транспорт на дрога кон САД. Трамп повеќепати се закани и со можни акции против Мадуро.

Последните месеци САД значително го проширија своето воено присуство во Латинска Америка, распоредувајќи маринци, воени бродови, ловци и бомбардери, подморници и дронови. Според извештаите, носачот на авиони „УСС Џералд Форд“, најголем во светот, пристигнал на Карибите како дел од ова засилување.

Според Јужната команда на САД, распоредувањето следува по директива на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, со цел поддршка на иницијативата на Трамп за растурање на криминалните мрежи што се сметаат за закана за американската безбедност.

Воените операции против наводниот шверц на дрога започнаа во септември со напад врз венецуелски брз чамец, а веќе кон крајот на октомври кампањата се прошири и во источниот дел на Пацификот.

Од почетокот на операцијата извршени се над 20 нападиврз групи за шверц на дрога, при што загинаа над 80 лица.