Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Русија нема шанси да ја добие војната во Украина и нема да ги постигне своите воени цели.
„Колку побрзо го завршиме овој конфликт, толку подобро ќе биде за Европа, за Русија и за глобалниот мир“, рече Мерц на маргините на самитот на НАТО во Анкара.
Тој, исто така, најави дека Европа ќе продолжи да ѝ помага на Украина и дека во оваа смисла е покрената иницијатива за гарантирање на континуирана поддршка на Украина во износ од 70 милијарди евра годишно за периодот 2026-2027 година.
„Сега единствено од Русија зависи да ја заврши оваа војна. Денес повторно ќе направиме сè што е во наша моќ за да ја постигнеме оваа цел и да испратиме јасна порака до Москва“, рече Мерц.
Тој, исто така, оцени дека самитот на НАТО ќе донесе „нов дух“, односно ќе означи ново поглавје за алијансата, зајакнувајќи ја соработката и единството меѓу американските и европските партнери.
„Убеден сум дека, почнувајќи од Анкара, ќе видиме нов дух во рамките на НАТО, дух што ќе ја направи алијансата посилна и пообединета“, рече тој.
Тој додаде дека европските членки на алијансата се подготвени да преземат поголема одговорност и значително да ги зголемат средствата за одбрана со цел да ги исполнат целите поставени на претходниот самит на лидерите на НАТО во 2025 година.
„Минатата година во Хаг одлучивме значително да ги зголемиме нашите одбранбени напори и го постигнавме тоа. Ќе го направиме НАТО поевропски за да може да остане трансатлантски“, рече Мерц.




