На историскиот Камен мост, една од најголемите знаменитости на главниот град Скопје, се одржа церемонија по повод завршувањето на работите за осветлување, реализирани со поддршка на Општина Есенлер од Истанбул и Халкбанк.
На церемонијата, одржана пред Камениот мост, присуствуваа вицепремиерот на Северна Македонија и министер за европски прашања, Беким Сали, амбасадорот на Турција во Скопје, Алпер Акташ, градоначалникот на Општина Есенлер, Мехмет Тевфик Ѓоксу, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, турските пратеници во Собранието на Северна Македонија, Салих Мурат и Бејџан Илијас, како и генералниот директор на Халкбанк - Скопје, Фатих Шахбаз.
На церемонијата присуствуваа и претставници на турски и локални институции и организации во земјата, гости и граѓани на Скопје.
Во своето обраќање, Ѓоксу рече дека со оваа церемонија отвораат проект кој, покрај осветлувањето на мостот, ќе придонесе и за осветлување на братството и пријателството „кои му се толку потребни на човештвото“.
Заблагодарувајќи им се на претставниците на Град Скопје и Халкбанк за поддршката во реализацијата на проектот, Ѓоксу рече: „Она што го осветливме не е само мост, туку повторно го запаливме светлото на нашата древна култура. Повторно го запаливме светлото на нашите човечки вредности. Зашто знаеме дека човештвото го наоѓа спасот кога се движи кон светлината. Кога му го осветлуваме патот на човештвото, луѓето подобро ги разбираат и местата и едни со други“.
Шахбаз истакна дека Северна Македонија и Туркије имаат силни врски засновани на долгогодишно пријателство, заедничка историја, култура, економски односи и меѓусебна почит.
Нарекувајќи го Камениот мост еден од најубавите примери што го отсликуваат духот на Скопје, Шахбаз рече: „Со новото осветлување, оваа историска градба добива многу поубав изглед. Како Халкбанк, која со години работи во Северна Македонија, за нас е од особено значење да бидеме дел од оваа значајна иницијатива“.
Ѓорѓиевски рече дека некои градби ѝ припаѓаат на одредено време, додека други, како Камениот мост, им припаѓаат на сите генерации.
Оценувајќи го Камениот мост како симбол на град што обстојува, што се обновува и што секогаш наоѓа сила да продолжи напред, Ѓорѓиевски рече: „Вечерва, со особена гордост, свечено го пуштаме во употреба неговото ново декоративно и архитектонско осветлување. Му даваме нов сјај на еден од најпрепознатливите обележија на нашето Скопје.“
Во рамки на церемонијата беа одржани концерт и настап со народни ора.
Извор: АА





















