Хјуман рајтс воч: Трамп ги нападна основните столбови на демократијата
Извршниот директор на ХРВ, Филип Болопион оцени дека Вашингтон сега им помага на земји како Кина и Русија да ги поткопаат човековите права и предупреди на она што го нарече брз пад на квалитетот на демократијата во САД
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги нападна клучните столбови на американската демократија, предупреди Хјуман рајтс воч во својот годишен извештај за состојбата на човековите права во светот, објавен во среда.
Во воведот на извештајот, кој ја опфаќа состојбата на човековите права во повеќе од 100 земји, извршниот директор на Хјуман рајтс воч, Филип Болопион, изјави дека администрацијата на Доналд Трамп се оддалечила од долгогодишната поддршка на САД за човековите права на глобално ниво и покажува мал интерес за потиснување на авторитарните режими.
Поткопување на човековите права
Болопион оцени дека Вашингтон сега им помага на земји како Кина и Русија да ги поткопаат човековите права и предупреди на она што го нарече брз пад на квалитетот на демократијата во Соединетите Американски Држави.
„Борбата за иднината на човековите права во 2026 година ќе биде најизразена во САД, со последици за остатокот од светот“, рече Болопион во видео обраќање по повод објавувањето на извештајот.
Хјуман рајтс воч како примери ги наведува строгите имиграциски политики на Трамп, заканите за правото на глас и други мерки и реторика кои, според извештајот, вклучуваат потпирање на расистички стереотипи и политики што се усогласуваат со идеологијата на белиот национализам.
Белата куќа ја отфрли оценката на Хјуман рајтс воч
Белата куќа ги отфрли оценките на Хјуман рајтс воч, обвинувајќи ја организацијата за пристрасност. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, рече дека Трамп „направил повеќе за човековите права отколку таа левичарска група“, наведувајќи, меѓу другото, завршување на војните и заштита на верските слободи.
Извештајот, исто така, предупредува дека Русија, Кина и Соединетите Американски Држави се помалку слободни денес отколку што беа пред 20 години. Кина е обвинета за систематско негирање на основните слободи, додека Русија е обвинета за понатамошно интензивирање на репресијата врз граѓанското општество.
Одделно, Хјуман рајтс воч соопшти дека двајца членови на организацијата поднеле оставка откако објавувањето на извештајот за правото на враќање на палестинските бегалци беше привремено суспендирано.