| Macedonian
СВЕТ
8 мин читање
Војната меѓу САД и Иран воведува нова ера на ракетното војување
САД за првпат во борбени услови ја користат ракетата за прецизни удари (ПрСМ), а Иран соопшти дека ја користел Кеибар Шекан - ракета способна да погоди американски воени цели низ целиот Блиски Исток, означувајќи ново поглавје во ракетното војување
Војната меѓу САД и Иран воведува нова ера на ракетното војување
Резултатот е сè посложениот натпревар меѓу можностите за удар со долг дострел и системите за воздушна и ракетна одбрана дизајнирани да ги поразат

Конфликтот меѓу Иран и САД воведува нова генерација на ракети во борбена употреба, при што двете страни распоредуваат оружје способно за напади од поголеми растојанија, оставајќи им на одбранбените системи помалку време за реакција.

САД за првпат ја употребија својата ракета за прецизни удари ПрСМ (PrSM) во борба, додека Иран соопшти дека ја користел Кеибар Шекан (Kheibar Shekan) - ракета способна да погоди американски воени цели низ поголемиот дел од Блискиот Исток.

Иако се дизајнирани за различни намени, и двете укажуваат на растечки предизвик во ракетното војување: оружјето може да се лансира од мобилни платформи, да погодува цели на поголеми растојанија и да остава помалку време за реакција на одбраната.

Па, што ги прави овие оружја различни, како се користени во војната и што откриваат за иднината на ракетното војување?

Новата американска ракета оди во војна

ПрСM во суштина претставува нова генерација на балистички ракети на американската армија кои се лансираат од копно - дизајнирани се да летаат подалеку од својот претходник, овозможувајќи им на трупите да носат повеќе ракети на возилата за лансирање што се веќе во употреба.

Таа го заменува Армискиот тактички ракетен систем - АТАЦМС (ATACMS), ракета развиена за време на Студената војна, која првпат беше употребена во борба за време на Заливската војна во 1991 година.

Основната верзија на ПрСM има дострел од околу 500 километри во споредба со околу 300 километри кај верзиите на ATAЦMС со најголем дострел.

Тоа значи дека армиска единица би можела потенцијално да погоди цел од растојание поголемо за повеќе од 200 километри, овозможувајќи им на екипажите за лансирање да останат на поголема оддалеченост од непријателските сили и системите за противвоздушна одбрана.

Програмата исто така работи на постигнување дострел од околу 650 километри, додека подоцнежните варијанти се планира да достигнат најмалку 1.000 километри.

ПрСM може да се лансира и од ХИМАРС (HIMARS)- ракетен систем монтиран на камион, како и од лансерот M270A2 со гасеници. Оваа компатибилност значи дека на САД не им е потребна сосема нова флота на возила за лансирање за да ја распоредат ракетата.

Таа, исто така, може да носи поголема огнена моќ. Лансерот ХИМАРС, кој може да носи една ракета ATAЦMС, може да носи две ракети ПрСM пред да биде потребно повторно полнење.

Според експертите за оружје, ракетата се води преку инерцијален навигациски систем потпомогнат од ГПС и е дизајнирана да експлодира над целта, распрскувајќи илјадници метални сачми со голема брзина врз широка област.

Покрај примената на бојното поле против Иран, дебито на оваа ракета има и пошироко значење за американското воено планирање. Нејзиниот поголем дострел им овозможува на мобилните лансери да се закануваат врз цели од поголеми растојанија, додека брзината ја прави особено погодна за цели кај кои времето е од клучно значење, како што се ракетните лансери и системите за противвоздушна одбрана.

Се развиваат и идни верзии наменети за гаѓање подвижни цели, вклучително и бродови.

Во јуни, Дефенс Пост (The Defense Post) објави дека американската армија склучила измена на договорот со компанијатаЛокид Мартин (Lockheed Martin) во вредност од 8,4 милијарди долари, со цел да се зголемат капацитетите за производство на ПрСM.

Првата позната борбена употреба предизвикува контроверзии

Се чини дека војната меѓу Иран и САД го означи дебито на ракетата ПрСM на бојното поле.

На 1 март, Централната команда на САД објави снимка на која се гледа лансирање на ПрСM од систем ХИМАРС, за време на она што таа го опиша како првите 24 часа од операцијата против Иран, започната на 28 февруари.

Сепак, нејзината употреба оттогаш е предмет на испитување поради смртоносните напади во Ламерд, град во јужен Иран.

Во март, Би-Би-Си Веифај (BBC Verify) објави дека експерти за оружје, кои ги анализирале снимките од нападот на 28 февруари, изјавиле оти проектилот најверојатно бил ПрСM.

Ерворс (Airwars), организација со седиште во Обединетото Кралство која ги следи и истражува случаите на цивилни жртви во конфликти, независно анализираше три напади во Ламерд за кои се претпоставува дека биле изведени со ПрСM, вклучително и напади врз станбени области и во близина на цивилни објекти, како што е спортската сала „Шахид Наими“.

Нивното истражување покажа дека еден од нападите предизвикал штета во радиус од најмалку 170 метри, додека биле регистрирани загинати цивили на оддалеченост од најмалку 50 метри од местото каде што се претпоставува дека се случила експлозијата.

Ерворс соопшти дека во истражуваните напади загинале најмалку 21 цивил, меѓу кои седум деца и две жени, а повредени биле до 170 други лица.

Американската војска ја оспори одговорноста за нападите во Ламерд.

Според Ерворс, Централната команда на САД изјавила дека снимките од безбедносните камери укажуваат на иранска крстосувачка ракета од типот Ховејзех (Hoveyzeh). Сепак, организацијата Ерворс заклучи дека станува збор за ракета ПрсM, врз основа на анализа на снимки и на штетата што останала по ударите.

За разлика од ракетите што детонираат при удар, ПрСМ е дизајнирана да експлодира над земјата, расфрлајќи фрагменти на широка површина. Од Ерворс наведоа дека нападите кај Ламерд оставиле илјадници карактеристични траги на зградите, патиштата и возилата, наместо големи кратери од удар.

Иранскиот „кршач на тврдини“

Иранската ракета Кеибар Шекан- чие име во превод приближно значи „кршач на тврдини“- има поинаква намена.

Весникот Волстрит џурнал ја опиша Кеибар Шекан како „евтина, прецизна и смртоносна“ ракета, како и „главен столб“ на арсеналот на Техеран.

Презентирана во 2022 година, таа претставува балистичка ракета со среден дострел и погон на цврсто гориво, развиена од Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), при што Иран наведува дострел од околу 1.450 километри.

Тој дострел ги става американските воени објекти низ големи делови од Блискиот Исток во потенцијален опсег на дејство.

Иранските медиуми објавија дека проектилот може да носи боева глава со тежина од околу 449 до 590 килограми.

Но една од неговите најважни карактеристики е брзината со која може да се подготви за лансирање.

Кеибар Шекан користи цврсто гориво. За разлика од ракетите на течно гориво, кои може да бараат подолга подготовка за лансирање, ракетите на цврсто гориво генерално можат да се чуваат подготвени за употреба и да се лансираат побрзо.

Тоа му остава помалку време на противникот да ги открие подготовките и потенцијално да ја уништи ракетата пред таа да полета.

Иран и аналитичарите ја опишуваат неговата боева глава (дел што повторно влегува во атмосферата) како високо маневрирачка во завршната фаза од летот- карактеристика наменета да го отежне пресретнувањето од страна на системите за противракетна одбрана преку отежнување на предвидувањето на финалната траекторија на боевата глава.

Техеран исто така изјави дека Кеибар Шекан е полесен и може да се лансира значително побрзо од претходните системи, иако референтните вредности за тие споредби не се јавно утврдени.

Каде ја има користено Иран?

Иран постојано тврди дека лансирал ракети Кеибар Шекан кон американски воени позиции откако започна конфликтот на 28 февруари.

ИРГЦ објави снимки на кои се гледа ракетата покрај други ирански балистички ракети, вклучувајќи ги Фатех-110 (Fateh-110), Золфагар (Zolfaghar) и Емад (Emad), за кои Техеран вели дека биле користени против американски воени цели.

За време на ескалацијата кон крајот на август, иранските власти соопштија дека ракетите Кеибар Шекан биле користени во напади врз американски капацитети во Јордан.

Иран исто така тврдеше дека извршил напади врз цели поврзани со САД во Бахреин, Кувајт и Ербил во северен Ирак, иако таквите тврдења тешко можат независно да се потврдат.

Ракетата е дел од многу поширок ирански арсенал кој вклучува балистички и крстосувачки ракети со краток, среден и долг дострел.

Системите како Емад, Гадр (Ghadr), Хорамшахр (Khorramshahr) и Сеџил (Sejjil) му даваат на Иран способност да се заканува врз цели низ поголемиот дел од регионот. 

Влијание на ракетите врз воената доктрина

Иако ПрСM и Кеибар Шекан припаѓаат на различни класи на ракети и се развиени од земји со многу различни воено-индустриски капацитети, и двата одразуваат пошироко поместување кон мобилни и сè попрецизни системи за удар со долг дострел.

Преку програми како ПрСM, САД распоредуваат копнени ракети кои можат да погодат сè пооддалечени цели со висока прецизност, од мобилни лансери кои веќе се дисперзирани меѓу копнени сили.

Во меѓувреме, Иран инвестираше во ракети кои можат да сепреместуваат, подготвуваат брзо и лансираат против бази и други цели низ регионот.

Во двата случаи, мобилноста го отежнува наоѓањето и уништувањето на самиот лансер на ракети, додека поголемиот дострел им овозможува на силите да напаѓаат од подалеку.

И тоа создава сè потежок проблем за одбраната.

Балистичките ракети патуваат со екстремно голема брзина, особено кога се спуштаат кон своите цели. Одбранбените сили прво мора да детектираат лансирање, да ја одредат траекторијата на ракетата, да одлучат дали се заканува на одредена цел, а потоа успешно да ја пресретнат - сè за неколку минути.

Резултатот е сè посложен натпревар помеѓу можностите за удар со долг дострел и системите за воздушна и ракетна одбрана дизајнирани да ги поразат.

Извор: АА

Повеќе
Граѓански организации: Мисијата на ОБСЕ се повлекува од соработката со АОПЗ
Италијански авион погоден за време на напад врз воздухопловна база во Саудиска Арабија
Нов Зеланд не разговарал со ЕУ за статус на придружен член
Швајцарските пратеници поддржуваат построги мерки за азил
Танкер погоден од „непознат проектил“ во Ормускиот Теснец
Шестмина ученици загинаа, 17 се повредени во пукање во средно училиште на Филипини
Дванаесет лица повредени во ноќните напади меѓу Русија и Украина
Се очекува Такаичи да се сретне со Трамп во вторник, пред разговорите меѓу САД и Кина
Алиев: Односите меѓу Туркије и Азербејџан се витален фактор во регионот и пошироко
Речиси половина од германските гласачи веруваат дека Мерц ќе ја напушти функцијата до крајот на 2026
Во Русија почнуваат тридневни избори за државната Дума
Мицкоски: За членство во ЕУ треба да се применува пристап заснован на заслуги што не е случај со нас
Фон дер Лајен: ЕУ ќе исплати 3,3 милијарди евра за ракети и беспилотни летала за Украина
Пентагон разгледува повлекување на најмалку 25.000 американски војници од Европа
Мерц: Гледаме фундаментална промена во односот на САД кон Германија