Европската централна банка (ЕЦБ) ги отфрли повиците од банкарскиот сектор за намалување на капиталните барања, оценувајќи дека постојните нивоа на капитал не го ограничуваат кредитирањето и остануваат клучни за зачувување на финансиската стабилност.
Претседателката на Надзорниот одбор на ЕЦБ, Клаудија Бух, на Конференцијата на централните банкари во Синтра, Португалија изјави дека нема докази дека повисоките капитални барања ги спречуваат банките да ја финансираат економијата, и покрај тврдењата на европските банки дека олеснувањето на регулативите ќе ја зголеми нивната конкурентност во однос на американските финансиски институции.
Како што навела, банките во Еврозоната имаат значителни капитални резерви и се доволно профитабилни за да продолжат да ја кредитираат економијата, со истовремени исплати на дивиденди и откуп на сопствени акции.
ЕЦБ, меѓутоа, верува дека има простор за поедноставување на регулаторната рамка, вклучително и намалување на бројот на заштитни слоеви на капитал и поедноставно пресметување на капиталните барања, но без намалување на вкупното ниво на капитал што банките мора да го поседуваат.
Ставот на Европската централна банка доаѓа во време кога европскиот банкарски сектор го засилува притисокот врз регулаторите да ги олабават правилата за да ги направат европските банки поконкурентни во однос на американските конкуренти, откако властите во Соединетите Американски Држави го започнаа процесот на дерегулација на банкарскиот сектор.
Капиталните барања се регулативи што ги обврзуваат банките да поседуваат одреден минимален износ на сопствен капитал во однос на ризиците што ги преземаат преку своето работење.








