Муцунски - Хоџа: Подготвеност за унапредување на билатералните односи

„За нас, Северна Македонија не е само соседна и пријателска земја туку и ценет НАТО-сојузник и близок регионален партнер“

By
Муцунски - Хоџа: Подготвеност за унапредување на билатералните односи / AA

Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, денес истакна дека Северна Македонија е ценет НАТО-сојузник и близок регионален партнер.

Во објавата на американската платформа за социјални мрежи Х, Хоџа соопшти дека реализирал телефонски разговор со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, посочувајќи: „За нас, Северна Македонија не е само соседна и пријателска земја туку и ценет НАТО-сојузник и близок регионален партнер.“

Тој додаде дека имал корисен и продуктивен разговор со Муцунски, потврдувајќи ги „одличните односи меѓу Албанија и Северна Македонија“.

„На годишнината од трагедијата во Кочани ја повторив нашата солидарност и цврстата посветеност на Албанија да застане рамо до рамо со институциите и граѓаните на Северна Македонија во моменти што бараат солидарност, меѓусебна поддршка и посилна регионална соработка“, истакна тој понатаму во објавата.

Хоџа додаде дека се согласиле оти европската интеграција на двете земји, како и на целиот Западен Балкан, е од стратегиско значење и претставува најдобра инвестиција во стабилноста и безбедноста, како за регионот, така и за Европската Унија.

„Ја потврдивме огромната важност од целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор, камен-темелникот на меѓуетничкиот соживот и институционалната стабилност во земјата. Во овој поглед ја нагласив важноста од спроведување на Законот за употреба на јазиците, вклучително и употребата на албанскиот јазик во државните институции, преку решенија што ги почитуваат уставните принципи и го одразуваат мултиетничкиот карактер на земјата“, истакна Хоџа.

На крајот тој посочи дека станало збор и за Коридорот 8 за кој ја истакнале важноста на унапредувањето на соработката за спроведувањето на овој „клучен проект за регионалната поврзаност и развој“.