Студенти во понеделникот го блокираа пристапот до музејот Лувр во Париз, давајќи поддршка на тековните протести на средношколците и осудувајќи го она што го нарекоа полициска репресија, пренесуваат француските медиуми.
Според раководството на музејот и синдикатите, на кои се повикува весникот „Ле Паризиен“, поради блокадата музејот не беше отворен во вообичаеното време, во 9 часот наутро.
Акцијата ја предводеа студенти од Екол ди Лувр (Ecole du Louvre), а според синдикатот ЦФДТ, во неа учествувале и студенти од Националната школа за ликовни уметности.
Од раководството на музејот изјавија дека протестот не е директно поврзан со самиот Лувр, наведувајќи дека институцијата била искористена „како простор за ехо“ (за да се слушне гласот на протестантите).
Синдикатот ЦГТ, кој ја поддржа акцијата, но не учествуваше во неа, соопшти дека музејот ќе остане затворен најмалку до пладне.
Немири низ целата земја поради трошоците за живот
Екол ди Лувр, која се наоѓа во рамките на комплексот на музејот, нуди високообразовни програми по историја на уметноста, археологија, антропологија и музеологија.
Протестантите ја претставија блокадата како дел од поширока борба за правото на слободно студирање, работа и живот во пристојни услови.
Оваа акција се надоврзува на протестното движење на средношколците, кое започна кон средината на септември, а доаѓа два дена по демонстрациите низ целата земја поради трошоците за живот- протести кои во неколку француски градови беа проследени со немири.
Протестите започнаа на 28 септември, поттикнати од растот на трошоците за живот и лошите услови во училиштата. Студентите укажаа на недостигот од наставници и на „запуштените објекти“, обвинувајќи ја владата дека се обидува да ги истисне младите од системот на високо образование.
Во последните месеци, цените на горивото, енергенсите и храната нагло пораснаа, што предизвика гнев во јавноста поради животниот стандард и влошувањето на јавните услуги, а сето тоа се случува пред претседателските избори што се очекуваат за околу шест месеци.























