Израел не прифати примирје во Либан на преговорите во Вашингтон

Од 2 март Израел спроведува проширена офанзива врз Либан во која загинаа 2.089 лица, а беа повредени 6.762

By
Израел не прифати примирје во Либан на преговорите во Вашингтон / Reuters

Израел го попречува состанокот со Либан во Вашингтон со тоа што на првичните преговори не го прифати предлогот за примирје, пренесе израелскиот весник „Хаарец“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху на започнувањето на преговорите гледа како на „тактика за купување време без запирање на борбите, истовремено покажувајќи добра волја кон Американците и претседателот Трамп“, пишува дневниот весник, повикувајќи се на израелски извори.

Според нив постои скептицизам за можноста за постигнување напредок во планираните преговори.

Од 2 март Израел спроведува проширена офанзива врз Либан во која загинаа 2.089 лица, а беа повредени 6.762.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека преговорите ќе се одржат во седиштето на Стејт департментот во Вашингтон.

На преговорите ќе учествуваат израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер, либанската амбасадорка Нада Муавад, американскиот државен секретар Марко Рубио и американскиот амбасадор во Бејрут, Мишел Иса.

Либан се обиде да издејствува ветување од Израел за прекин на огнот за време на преговорите, кои наидоа на критики од Хезболах.

„Хаарец“ наведува дека прашањето за разоружување на Хезболах е врвен приоритет за Израел, но останува нејасно дали Тел Авив има намера да го поврзе секој напредок во преговорите со разоружувањето.

„Лајтер ќе пристигне на преговорите со инструкции да не се согласи на прекин на огнот, што во голема мера ќе го отежне наоѓањето заеднички јазик со либанската страна“, се додава во весникот.

Иако либанската Влада започна да спроведува план за разоружување на Хезболах, групата инсистира на задржување на своето оружје и тврди дека е „движење на отпорот“ против Израел.

Според израелскиот весник „Једиот Ахронот“, по состанокот се очекува заедничка изјава на израелскиот и либанскиот амбасадор.

Забележано е дека не се закажани други состаноци за оваа недела.

Израел се согласи да ги намали и прилагоди своите напади врз Либан во согласност со преговорите, се тврди во известувањата.

Засега нема официјален израелски коментар во врска со овие наводи.