Четири члена на екипажот загинале во уривањето на американскиот авион КЦ-135 во Ирак
Американската војска соопшти дека четири од шест члена на екипажот се потврдени како мртви, додека спасувачките напори продолжуваат, додавајќи дека инцидентот е под истрага
Четири од шесте членови на екипажот на американскиот авион за полнење гориво KЦ-135 што се урна во западен Ирак се потврдени како мртви, соопшти американската војска во петокот.
Авионот KЦ-135 се урнал во западен Ирак околу 18 часот по Гринич во четврток, соопшти Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), која ги надгледува воените операции на Блискиот Исток и делови од Азија.
„Четири од шест члена на екипажот на авионот се потврдени како мртви, додека спасувачките напори продолжуваат“, се вели во соопштението.
Идентитетите на членовите на екипажот се чуваат во тајност најмалку 24 часа откако ќе бидат известени нивните најблиски роднини, се додава во соопштението.
Војската соопшти дека околностите на инцидентот се истражуваат. Сепак, во соопштението се тврди дека несреќата не е предизвикана од непријателски или пријателски оган.
Претходно истиот ден, иранската државна телевизија, повикувајќи се на портпарол на воениот штаб Хатам ал-Анбија, поврзан со елитниот Корпус на Исламската револуционерна гарда, објави дека авионот бил погоден од ракети испукани од „фракции на отпорот“, што предизвикало негово уривање.
Портпаролот рече дека авионот ѝ припаѓал на американската војска и дека сите членови на екипажот биле убиени, според извештајот.
ЦЕНТКОМ претходно соопшти дека во инцидентот учествувале два авиона, при што еден авион за полнење гориво се урна во западен Ирак, додека другиот безбедно слетал.