Билатералниот документ за безбедносни гаранции за Украина е во суштина подготвен за финализирање на највисоко ниво со претседателот на Соединетите Американски Држави, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Важно е Украина успешно да ги обедини напорите на европскиот и американскиот тим и заедно разговаравме, особено, за документи за закрепнување и економски развој. Беа дискутирани и сложени прашања од основната рамка за завршување на војната, а украинската страна презентираше можни опции за финализирање на овој документ“, напиша Зеленски на својот профил на мрежата X.
Тој изрази очекување дека руската и американската страна ќе разговараат, по што, како што процени, ќе добијат информации за тоа дали Русија е подготвена да ја заврши војната.
„Исто така, ги информираме нашите партнери за последиците од руските напади, кои јасно не укажуваат дека Москва ги преиспитува своите приоритети. Во овој контекст, потребно е притисокот врз Русија да продолжи да се зголемува со ист интензитет како и работата на нашите преговарачки тимови“, рече Зеленски.
Тој повтори дека безбедносните гаранции мора да се темелат на способноста на партнерите на Украина да извршат притисок врз Русија.
Зеленски изјави дека во Запорошката област снабдувањето со електрична енергија и работењето на енергетскиот систем се целосно обновени по ноќешните руски напади, додека работите за санирање на штетите во Днепропетровската област сè уште продолжуваат.


















