Специјалното обвинителство на Република Косово (СТРК) поднесе обвинение, со предлог за одржување на судењето во отсуство, против 20 обвинети за воени злосторства против цивилното население во Општина Ѓаковица.
Како што објавува Обвинителството, обвинетите со иницијали М.К., Р.Ц., М.Д., П.Р., С.К., Л.О., Ж.С., С.С., Л.Д., З.Р., Д.Г., Ч.Б., В.Б., Р.Б., Р.Р., Л.Р., М.Ш., М.Р., С.Г., Т.А. се обвинети за кривично дело „воени злосторства против цивилното население“.
„Според обвинението, во периодот 1998-1999 година, М.К., во својство на началник на Секретаријатот за внатрешни работи (СВР) во Ѓаковица, Р. Ч., во својство на командант на Специјалните полициски единици (ПЈП) и М.Д., во својство на командант на 52-ра ракетна артилериска бригада, заедно со обвинетите П.Р., С.К., Л.О., Ж.С., С.С., Л.Д., З.Р., Д.Г., Ч.Б., В.Б., Р.Б., Р.Р., Л.Р., М.Ш., М.Р., С.Г., Т.А., во својство на членови на гореспоменатите единици, беа обвинети за учество во убиството на 107 цивили за време на голема воено-полициска операција“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Понатаму, според обвинението, за време на оваа операција обвинетите првично ги одвоиле жените и децата од мажите.
„Жените биле ограбени, нивниот златен накит, пари и други вредни предмети биле одземени, додека мажите биле погубени, некои во нивните домови и дворови, а некои на локација позната како „Талиќиевиот мост“. Куќите биле исто така запалени“, заклучува обвинителството.
Тоа предложило судењето да се одржи во отсуство, бидејќи сите обвинети се недостапни за косовските власти.
Меѓу обвинетите е и бизнисменот и поранешен потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, кој им е добро познат на косовските власти.
Против него во повеќе наврати биле поднесувани обвиненија или бил посочуван како главен осомничен за различни кривични дела, но досега не бил изведен пред суд.
Заедно со уште 42 лица, тој беше обвинет за тероризам и загрозување на уставниот поредок на Косово по нападот на вооружени Срби врз полициска патрола во косовското село Бањска во септември 2023 година, во кој загина еден полицаец.
Во врска со нападот досега се уапсени само тројца косовски Срби, кои се изјаснија дека не се виновни. Радоичиќ, кој во меѓувреме избега во Србија, ја презеде одговорноста дека го предводел нападот, но тврдеше дека тоа го направил без да ги информира властите во Белград.
Србија започна истрага против Радоичиќ во септември 2023 година, кога Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека го истражува за организирање вооружена група, нелегално собирање големо количество оружје што го пренел во Косово, како и за „тешки дела против општата безбедност“.





















