Едно лице загина, а две други се повредени од остатоци од беспилотно летало за кое саудиските власти соопштија дека било лансирано од јеменските Хути и пресретнато над западниот град Таиф, пренесе Саудиската новинска агенција.
Портпаролот на Цивилната одбрана изјави дека екипите за итни случаи реагирале откако фрагменти од пресретнатиот дрон паднале низ делови од градот.
Еден жител на Јемен е убиен, додека една Саудијка и еден жител на Пакистан се повредени, изјави портпаролот, додавајќи дека пакистанскиот државјанин е во критична состојба.
Остатоците од дронот предизвикале и материјална штета на неколку згради и возила.
Хутите не излегоа со став за извршениот напад по извештаите од саудиските власти.
Саудиска Арабија претходно соопшти дека нејзината воздушна одбрана пресретнала и уништила дрон, наводно лансиран од Хутите кон Мека, пред да влезе во ограничениот воздушен простор на светиот град. Јеменската група негираше одговорност.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека ова е втор обид за напад врз Мека од 2017 година.
Саудиска Арабија се соочи со серија напади со ракети и беспилотни летала што им се припишуваат на Хутите во последните денови, во услови на ескалација на регионалните тензии.
Борбите меѓу јеменските владини сили и Хутите се интензивираа од почетокот на јули.
Обновените конфликти го завршија периодот на релативен мир што во голема мера се одржуваше откако во април 2022 година стапи на сила примирјето постигнато со посредство на ОН.
Јемен е втурнат во конфликт откако Хутите го поделија главниот град Сана и неколку провинции во септември 2014 година, што ја поттикна коалицијата предводена од Саудиска Арабија да интервенира во март 2015 година во поддршка на меѓународно признатата влада.




















