Кој вели дека на 40 години е доцна да започнете да трчате и да живеете здраво? Александар Стоичовски со овој спорт започнал да се занимава рекреативно поради прекумерната тежина. Неколку години подоцна го имал истрчано и првиот маратон. А 12 години подоцна тој ги има истрчано сите најелитни маратони на европско ниво. Има медал и од шесте маратони во светски рамки, World Maraton Majors.
Неговата атлетска приказна започнала без големи очекувања. Започнал со мали дистанци со цел да се потрошат калори. Упорноста го донела каде што е сега.
„Некако наједноставно ми беше ајде ќе излезам, ќе облечам едни патики, ќе пробам да трчам. Така и беше во почетоците. Излегов, со тие некои патики кожни кои си ги имав, единствени. Истрчав километар-два. Тешко беше дишењето, тешко беше враќањето. Малку ја накачив километражата 2,3,4. И продолжи се тоа така до пријавувањето на првата трка којашто ја видов”, вели Стоичовски во разговор за ТРТ Балкан.
Првата трка од пет километри му била во 2015 во Делчево. Една година потоа веќе настапил на полумаратон, а во 2020 истрчал маратон во Скопје. Денес е единствениот Македонец кој ги истрчал петте престижни европски маратони, Копенхаген, Лондон, Рим, Мадрид и Лисабон. Трчал и во Њујорк, Бостон, Токио.
„Ти застануваш рамо до рамо со 50-60 000 тркачи од ширум светот. Од сите континенти од сите бои, од различни култури, а сите сте со иста цел да го истрчате маратонот. Њујорк важи за еден од потешките маратони со потешки патеки, бидејќи има нагорнини, надолнини, Бостон исто така е маратон на кој има искачувања. Лисабон, беше прекрасно да се трча покрај океанот, но имаше педесетина пати качување спуштање. Њујорк важи за најмасовен настан во светски рамки бидејќи има над два милиолни публика и околу 50 до 60 000 трчачи”, вели Стоичовски.
Тој објаснува како се чувствуваат маратонците во последните 200 метри од маратонот.
„Маратонот се трча 30 километри со нозе, 10 километри со глава, два километри со срце и 200 метри со солзи. Тука сите емоции се на максимум. Тие 200 метри се се заборава. И на болката што била претходно”, раскажува маратонецот.
Александар направи и неколку регионални подвизи. Трчаше од Охрид до Поградец и од Делчево до Благоевград. Има истрчано 18 маратони. Валенсија и Севиља се негови следни предизвици, а размислува и за маратонските трки во Подгорица и Верона.






















