Селекторот на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, Сергеј Барбарез, истакна дека исклучително ја цени македонската репрезентација во пресрет на претстојниот пријателски натпревар, нагласувајќи дека станува збор за сериозен противник под водство на нов селектор.
Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина утре на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе – Кошево“ ќе одигра пријателски натпревар против Македонија, во рамки на завршните подготовки пред Светското првенство. Во пресрет на натпреварот, во просториите на Фудбалскиот сојуз на БиХ беше одржана прес-конференција на која се обратија селекторот Сергеј Барбарез и репрезентативецот Тарик Мухаремовиќ.
Барбарез порача дека овој натпревар ќе послужи како важен тест за репрезентацијата, особено во контекст на подготовките, и дека мечот мора да се сфати максимално сериозно.
„Пријателските натпревари мора да ги сфатиме максимално сериозно. Тимот во еден дел ќе се обиде да игра во нови формации и нешто поризично, но против Панама и генерално пред Светското првенство не смее да има такви ризици“, порача Барбарез.
Селекторот ја нагласи важноста на дефанзивната стабилност и тимската дисциплина, истакнувајќи дека напредокот е видлив преку континуитетот во работата на стручниот штаб. Исто така потврди дека се очекува враќањето на Харис Табаковиќ во планираниот рок, додека здравствената состојба на Иван Шуњиќ ќе се следи во наредните денови.
Посебно го истакна задоволството од поддршката на навивачите, со оглед на тоа што „Кошево“ е распродадено за утрешниот натпревар.
„Патот е важен, но центарот на сè се нашите навивачи. За мене многу значи полн стадион во Сараево“, рече Барбарез.
Репрезентативецот Тарик Мухаремовиќ истакна дека атмосферата во тимот е одлична и дека фокусот е целосно насочен кон подготовките за претстојните предизвици.
„Дисциплината се почувствува уште против Англија и голема благодарност до стручниот штаб. Сè доаѓа на свое место. Иако остваривме успех, дисциплината останува“, рече Мухаремовиќ.
Говорејќи за атмосферата во тимот, додаде дека комуникацијата меѓу играчите е одлична и дека позитивното расположение не влијае врз професионализмот.
„Имаме одлична комуникација, се смееме, но сè е во рамки на дисциплината и работата. Се надевам дека така и ќе остане“, изјави Мухаремовиќ.
Барбарез на крајот нагласи дека тимот продолжува со процесот на создавање екипа, со јасна визија и високи барања, и дека доследноста е клучен фактор во подготовките за големо натпреварување.
По натпреварот со македонската репрезентација, „змејовите“ патуваат во Соединетите Американски Држави, каде што на 6 јуни во Сент Луис ги очекува генерална проверка во пријателски натпревар против Панама.
Тимот ќе отпатува порано во САД за да има период на адаптација на временската зона, а селекторот нагласи дека му одговараат термините за тренинзи во пладневните часови поради ритамот на подготовките.
Босна и Херцеговина со жрепка е сместена во групата Б на Светското првенство заедно со Канада, Швајцарија и Катар. Сите натпревари од групната фаза ќе се играат во вечерен термин по локално време (21:00 часот по средноевропско време), а распоредот е следен:
Распоред на натпревари од групната фаза: БиХ – Канада (12 јуни, Торонто), БиХ – Швајцарија (Инглвуд) и БиХ – Катар (Сиетл).













