Израелската армија ги вратила останките на Ран Гвили, последниот преостанат заложник од Газа
Тајмс оф Израел објави дека претставникот за Појасот Газа во Одборот за мир, Николај Младенов, ќе пристигне во Израел следната недела за да започне разговори за спроведување на втората фаза од планот на американскиот претседател Трамп
Израелската војска ги пронајде останките од последниот преостанат израелски заложник што го држеше Хамас во Појасот Газа, исполнувајќи го клучниот услов за започнување на втората фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Појасот Газа.
„Останките на заложникот Ран Гвили се идентификувани и вратени за погреб“, објави израелската армија, пренесува Ројтерс.
Израел вчера се согласи на ограничено отворање на граничниот премин Рафах со Египет само за премин на луѓе, со целосен надзор од страна на израелските механизми за следење, и нагласи дека враќањето на телото на Гвили е услов за ова.
Претходно, Тајмс оф Израел објави дека претставникот за Појасот Газа во Комитетот за мир, Николај Младенов, ќе пристигне во Израел на почетокот од следната недела за да започне разговори за спроведување на втората фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во палестинската енклава.
Потоа Младенов ќе отпатува во Египет на дополнителни разговори со претставници на Националниот комитет за управување со Газа, кој е под администрација на Одборот за мир.
Младенов претходно ги потврди плановите за повторно отворање на граничниот премин Рафах, а се очекува да разговара за времето на отворањето во Египет, како и за напорите за деактивирање на оружјето што му припаѓа на Хамас.
Отворањето на граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет би бил најголемиот сигнал за почеток на втората фаза.