Платформата ТикТок, во сопственост на кинеската компанија БајтДенс (ByteDance), потпиша договор за продажба на својот американски ентитет на заедничка компанија контролирана од американски инвеститори, според интерен меморандум што го видел американскиот портал Аксиос.
Се очекува договорот да се затвори на 22 јануари, според интерен меморандум испратен од извршниот директор на ТикТок, Шу Чу.
Според меморандумот, Оракл, Силвер Лејк и МГИКС (Oracle, Silver Lake и MGX) со седиште во Абу Даби заедно ќе поседуваат 45 проценти од американскиот ентитет на TикТок.
Речиси една третина од компанијата ќе биде во сопственост на филијали на постојните инвеститори на БајтДенс, а речиси 20 проценти ќе бидат задржани од кинеската компанија.
Белата куќа и кинеската влада во септември постигнаа принципиелен договор за продажба на американскиот бизнис на ТикТок на заедничка компанија контролирана од американска инвестициска група предводена од Андресен Хоровиц, Силвер Лејк и Оракл.










