Медиуми: Американскиот невидлив авион Ф-35 погоден од ирански оган во борбена мисија
Авионот слета безбедно, а пилотот е во стабилна состојба, изјави капетанот Тим Хокинс, портпарол на американската Централна команда, без да ги потврди извештаите од медиуми
Американски невидлив воен авион Ф-35 е погоден од, како што се претпоставува, ирански оган и извршил итно слетување во американска воздухопловна база на Блискиот Исток, објавија американските медиуми.
„Авионот слета безбедно, а пилотот е во стабилна состојба“, изјави капетанот Тим Хокинс, портпарол на американската Централна команда, во соопштението, без да ги потврди извештаите од медиуми.
„Овој инцидент е под истрага“, додаде Хокинс.
САД изгубија повеќе авиони за време на конфликтот - вклучувајќи три Ф-15 соборени по грешка од кувајтските сили и авион за полнење гориво КЦ-135 што се урна во Ирак - но ниту еден за кој се знае дека бил погоден од ирански оган.
САД и Израел започнаа масовна воздушна офанзива против Иран по големото зголемување на американските воени сили, вклучувајќи ги и Ф-35 во регионот.
Тринаесет припадници на американските сили се убиени од почетокот на офанзивата на 28 февруари: шест во падот на KC-135 и седум во иранските напади на почетокот на војната.
Околу 200 американски воени лица се ранети и во седум земји низ Блискиот Исток од почетокот на војната, од кои повеќето веќе се вратија на должност, според американската војска.