Турскиот радарски систем за откривање движења низ ѕидови им помага на спасувачките тимови да спасат животи, така што ги лоцира лицата што се заробени под урнатините по минатонеделните земјотреси во Венецуела, при што претставува прва меѓународна оперативна мисија со оваа технологија.
Радарот ДАР (STM Behind-the-Wall Radar), кој е развиен во земјата, е дело на турската одбранбена компанија СТМ.
Системот го користат тимовите за пребарување и спасување при природни катастрофи во рамките на Бригадата за хуманитарна помош на Турските вооружени сили, кои заминаа во Венецуела по двата силни земјотреса, соопштија од СТМ.
Претходно ДАР имаше активна улога во операциите за пребарување и спасување по земјотресите од 6 февруари 2023 година со епицентар во Кахраманмараш, Туркије, кои однесоа десетици илјади животи во Туркије и соседна Сирија. За време на тие операции, технологијата помогна да се лоцираат повеќе од 50 лица заробени под урнатините, овозможувајќи нивно спасување.
Моментно системот е во активна употреба во Турските вооружени сили, Генералната команда на жандармеријата и турската Национална полиција.
ДАР користи ултраширокопојасни сигнали за да добие дводимензионални податоци за локацијата на неподвижни и подвижни цели во затворени простории каде што не е можен визуелен пристап.
Системот може да се користи во воени сценарија, како што се спасување заложници, борба против тероризам и операции за внатрешна безбедност, а служи и за цивилни цели, вклучително пребарување и спасување по земјотреси, лавини и пожари, како и во борба против трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти.
Радарот може да ја открие прецизната локација на живо лице под урнатините со идентификување на микро и макродвижења, вклучително и движења на градите, рацете и дланките предизвикани од дишењето.
ДАР тежи околу 6,5 килограми и емитува радиофреквентни сигнали за да утврди дали зад ѕид или пречка има живо лице. Исто така, може да идентификува колку длабоко се наоѓа лицето и која е неговата точна позиција.
Системот, дизајниран за рачна употреба од едно лице, може да се постави и на целното подрачје со статив или слична опрема и да се управува од далечина преку таблет-компјутер. Батеријата овозможува непречено работење повеќе од четири часа.
Извор: АА














