Санкции за стабилност: Што значи за врските со САД посетата на сирискиот претседател на Вашингтон

Ова е јасна порака за сите во регионот дека американската страна е доста заинтересирана да ја одржи стабилноста на Сирија, вели политичкиот аналитичар Омер Озкизилџик

By
Состанокот во Белата куќа следи по одлуката на Трамп да ги укине повеќето санкции врз Сирија по состанокот со ал-Шара во Саудиска Арабија во мај / AP

Историската посета на сирискиот претседател Ахмед ал-Шара на Вашингтон во понеделник ќе означи голема промена во меѓународната позиција на таа нација и најзначајниот чекор досега во односите меѓу САД и Сирија од почетокот на граѓанската војна пред повеќе од една деценија.

„Ова е јасна порака за сите во регионот дека американската страна е доста заинтересирана да ја одржи стабилноста на Сирија и дека сите политики за поткопување на сириската влада немаат поддршка од Вашингтон“, изјави за Агенција Анадолија Омер Озкизилџик, нерезидентен член во Атлантскиот совет.

Озкизилџик рече дека се очекува Сирија да ја објави својата одлука да се приклучи на коалицијата предводена од САД против терористичката ДАЕШ.

„Со приклучувањето кон меѓународната коалиција против ДАЕШ, Сирија ќе биде претставена во коалицијата, а Соединетите Американски Држави ќе имаат директна линија на комуникација со сириската влада кога станува збор за борбата против ДАЕШ. Веќе постои таква, но ова ќе ја формализира и ќе ја направи поструктурирана“, рече тој.

Специјалниот претставник на САД за Сирија и амбасадор во Туркије, Том Барак, минатата недела во Бахреин изјави дека се очекува ал-Шара да потпише документ со претседателот Доналд Трамп за Сирија да се приклучи на коалицијата против ДАЕШ.

Озкизилџик рече дека одлуката би можела да „му даде дополнителна моќ на Дамаск во преговорите со Сириските демократски сили (СДФ)“, осврнувајќи се на разговорите за интегрирање на СДФ, во кои доминира ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката група ПКК.

На 10 март, сириското претседателство објави договор за интегрирање на СДФ во државните институции, нагласувајќи го територијалниот интегритет на земјата и отфрлајќи ја секоја сепаратистичка агенда.

Санкциите треба да се укинат

Состанокот во Белата куќа во понеделник, исто така, следи по одлуката на Трамп да ги укине повеќето американски санкции врз Сирија по состанокот со ал-Шара во Саудиска Арабија во мај, иако санкциите воведени од американскиот Конгрес, според Законот за цивилна заштита на Сирија „Цезар“ од 2019 година, остануваат на сила.

Тоа се случи откако Башар ал-Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, избега во Русија на 8 декември 2024 година, со што заврши владеењето на партијата Баас од 1963 година.

Ал-Шара, кој ги предводеше антирежимските сили што го соборија Асад, беше прогласен за претседател за преоден период кон крајот на јануари, ветувајќи дека ќе ја обнови земјата.

„Иднината на Сирија е најважното прашање во регионот за да се зацврсти победата над Иран и неговите посредници што ја видовме во последните две години“, рече Џејмс Џефри, поранешен специјален претставник на САД за ангажман во Сирија за време на првиот мандат на Трамп.

„За безбеден регион, треба да ја стабилизираме Сирија, а преку стабилизирана Сирија, да обезбедиме регионот да остане безбеден. Тоа е мисијата на состанокот во понеделник“, изјави тој за Анадолија.

Џефри рече дека едно од клучните очекувања од разговорите е целосно укинување на преостанатите санкции.

„Пред се, сè уште постои еден сет санкции против тероризам- држава спонзор на тероризам- што е на сила во однос на Сирија. Сигурен сум дека претседателот Трамп, за време на овој состанок, ќе го укине“, рече тој. 

„Но многу поважни се санкциите Цезар. Јас сум еден од авторите на тоа. Во 2019 година, тие требаше да ја уништат економијата на Асад... Но тие веќе не ја исполнуваат својата цел.“

Тој додаде дека сè додека санкциите останат барем делумно на сила, „приватниот сектор нема да се вклучи, а другите земји ќе бидат претпазливи.“

„Тие треба да бидат чисто и целосно укинати за ова да функционира“, нагласи тој.

За Озкизилџик, отстранувањето на санкциите е исто така клучно за обновата на економијата.

„Сириската влада, откако ја презеде земјата, има клучна желба: Тие сакаат да ја обноват Сирија и сакаат да го сторат тоа со инвестиции. Тие не сакаат Сирија да биде зависна од хуманитарна странска помош. А за да привлечат инвестиции, потребно е да се укинат санкциите“, рече тој.

Интеграција на СДФ во Дамаск

Интеграцијата на СДФ во сириските државни институции, која беше договорена во март, е уште еден клуч за стабилна Сирија.

Џефри рече дека напредокот ќе зависи од потезите на СДФ за да покажат признавање на суверенитетот на Дамаск.

„Она што треба да го видиме е тоа да започне сега. Претседателот ќе ги притисне двете страни“, рече тој. 

„Сириските демократски сили треба да ги преземат првите чекори со работи како што се граничните контроли и обврската да не извезуваат нафта - одредени работи што симболизираат дека признаваат дека се под суверенитет на Дамаск“, рече тој.

Озкизилџик рече дека СДФ „досега се двоумеше во спроведувањето на процесот на интеграција“, додавајќи дека приклучувањето на сириската влада кон коалицијата против ДАЕШ ќе им даде „дополнителна моќ“ во разговорите.

Дестабилизирачките дејствија на Израел во Сирија

По падот на режимот на Асад во декември, Израел ја прошири својата окупација на сириската Голанска Висорамнина со заземање на демилитаризираната тампон-зона, потег со кој го прекрши договорот за разделување од 1974 година со Сирија.

Израел, исто така, го искористи падот на режимот за да започне стотици напади насочени кон воени локации и средства низ цела Сирија, вклучувајќи борбени авиони, ракетни системи и инсталации за воздушна одбрана, според извештаите.

„Израел посакува слаби и нестабилни држави. Туркије верува во државност, во стабилни, способни држави и влади“, рече Озкизилџик. 

„Треба да очекуваме дека турската влада ќе продолжи да ја поддржува сириската влада во нејзините обиди да биде стабилна, функционална и, најважно, независна. САД, како што се виде во Газа, не ги поддржуваат неограничените агресии на Израел во регионот“, рече тој. 

„Израел, исто така, мора да разбере дека е многу подобро да има стабилна влада во Сирија која не е закана за Израел или која било друга регионална држава отколку да има хаос и неред што може да го искористи Иран или други недржавни вооружени актери.“

Извор: АА