Пакистанските безбедносни сили спровеле копнени и воздушни операции долж границата со Авганистан, во кои биле убиени најмалку 29 милитанти, објавија денес пакистанските власти.
Според пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар, четворица членови на групата Џамаат-ул-Ахрар, фракција на пакистанските талибанци, биле убиени во копнените операции, објави Ројтерс.
Тарар рече дека во воздушните напади врз три цели во авганистанските провинции Пактија, Пактика и Кунар, биле убиени уште 25 милитанти и дека се уништени големи количини оружје и муниција.
Портпаролот на авганистанските талибанци, Забиула Муџахид, пак, објави дека десетици луѓе, вклучувајќи цивили, биле убиени и повредени во пакистанските воздушни напади.
Пакистанските власти соопштија дека операциите биле спроведени како одговор на неодамнешните „терористички напади во земјата“.
Пакистанската војска во саботата соопшти дека во бомбашки и вооружен напад од страна на групата Џамаат-ул-Ахрар врз објект на паравоената единица Синд Ренџерс во Карачи загинале тројца припадници на безбедносните сили, додека четворица други биле ранети.
Исламабад ги обвини авганистанските талибанци дека им засолнуваат милитанти кои планираат напади на пакистанска територија, додека властите во Кабул ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека милитантното насилство е „внатрешен проблем на Пакистан“.











