Колумбија: На самитот Латинска Америка- ЕУ со Декларација отфрлена употребата на сила на Карибите
Декларацијата не го споменува Доналд Трамп едноставно затоа што не успеавме да ги придобиеме сите земји да ја поддржат, објасни потпретседателката на Европската комисија и шефица на надворешната полтика на ЕУ, Каја Калас
Педесет земји од Латинска Америка и Европската Унија во неделата во Колумбија изразија противење на употребата на сила спротивно на меѓународното право, во услови на тензии со САД поради нападите на САД врз бродови во Карипското Море и Тихиот Океан.
Со таа Декларација заврши првиот ден од самитот меѓу Заедницата на латиноамерикански и карипски држави (ЦEЛAЦ) и Европската Унија, кој беше обележан со прикриени критики кон Вашингтон и рефернци на меѓународни конфликти.
„Го повторуваме нашето противење на употребата или заканата од употреба на сила и секоја акција што не би била во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“, се вели во текстот потпишан во неделата од 58 од 60-те земји. Венецуела и Никарагва се воздржаа.
„Ја разгледавме важноста на поморската безбедност и регионалната стабилност во Карибите“, се додава во документот, во кој не се споменаа директно нападите на САД врз бродови за кои Вашингтон се сомнева дека превезуваат дрога и во кои досега загинаа 70 лица.
„Декларацијата не го споменува Доналд Трамп едноставно затоа што не успеавме да ги придобиеме сите земји да ја поддржат“, објасни потпретседателката на Европската комисија и шефица на надворешната полтика на ЕУ, Каја Калас.
Американскиот претседател го обвинува својот венецуелски колега Николас Мадуро дека е член на нарко-картел, а го нарече колумбискиот претседател Густаво Петро нарко-бос.
„Заканата со употреба на воена сила повторно е дел од секојдневниот живот во Латинска Америка и Карибите. Старите маневри и реторика се рециклираат за да се оправдаат нелегалните интервенции“, изјави бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, сојузник на Густаво Петро.
Калас, од своја страна, по пристигнувањето на самитот тврдеше дека „може да се примени сила само од две причини: или легитимна одбрана или во спроведувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН“.
Заедничката декларација, исто така, ја осудува „војната што се води против Украина, која продолжува да предизвикува огромно човечко страдање“.
Според Каја Калас, Венецуела и Никарагва не ја потпишаа декларацијата поради овој дел.
Од 33 земји-членки на ЦЕЛАК и 27 членки на ЕУ, само девет шефови на држави учествуваат на самитот што завршува во понеделник.